Предлог на Движењето за нова република: Да го вброиме Холодоморот (Гладоморот) во редот на геноцидите на ХХ век
5 март 2023·Ивон Величковски

Подготвени ли сме особено ние, Македонците, да ги означиме хегемонистите кои низ историјата цели народи претвориле во империјални "монети за поткусурување"? И да застанеме во одбрана на слободата, во духот на нашите предци?
Гладоморот како геноцид до сега го имаат признато триесетина земји од Европа и светот.
Ова признавање ни е потребно не во однос другите, туку особено затоа што историјата не била милозлива ниту кон македонскиот ниту кон други народи во Македонија, во соседството и пошироко.
Во медиумите на македонски нема да најдете многу вести на темата. Впрочем како и за се друго што е непријатно за Скопје романтично кон социјализмот,
Гладоморот е смислено и систематско исцрпување на украинското жито за потребите на Советскиот сојуз низ формирањето агро-колективи ("колхози"):
На колхозите им се наметнати нереални квоти, а произведеното жито до неостварливата квота се одзема од Украина и се дистрибуира низ СССР или се извезува за девизи со кои се плаќаат машините за советската индустријализација.
Со тоа, житницата на Европа смислено и намерно е втурната во глад, а меѓу 4 и 10 милиони Украинци (според различни проценки) - во смрт.
Гладоморот не е еднократна операција на Москва.
Прво, казнувајќи ги Украинците за Украинската народна република (1917), се спроведува 1921-22, се повторува 1932-33 и, повторно за казна за создавањето на антисоветската Украинска бунтовничка армија, во 1946-47.
Гладоморот врши систематска депопулација на Украина, непријатниот потсетник на Кијивска Рус - антиподот на "рускиот свет".
Но е и средство на политиката на дехуманизација на Украинците, за асимилација низ диктатура и сменета демографија со населување советски народи во испразнетите усела и градови по Гладоморот - во областите кои Русија сега сака да ги анектира.
Еден официјален документ на Собранието на Северна Македонија што ќе го вброи Гладоморот во редот на геноцидите на ХХ век, затоа, не е само потенцијална точка на консензус меѓу партиите.
Тоа е и уште една точка во одложеното граѓанско соочување во Македонија со темната страна на "социјалистичките" и "комунистичките" земји како СФРЈ и СССР нарушувајќи ја идилична слика за нив како простор на "мир", "рамноправност на народите", "ред"... што до денес ја градат медиумите и ботовите - и во партиите и на социјалните мрежи.
И ќе не соочи и со нашите национализации, колективизации и диференцијации. Можеби со помалку жртви на број, но секако не помали жртви.
Откако пропадна обидот да се забошотат осудата на комунизмот како авторитарен режим, лустрацијата и отворањето на досиејата, еве нова шанса на демократска, евроатланска Македонија.
Шанса да се осмели да се соочи со неправдата над другите за да си дозволи да се соочи со неправдите врз неа.
И неправдите во неа.