За нас
Основачкиот конгрес на 21 август 2025 година во Скопје донесе ОДЛУКА ЗА ОСНОВАЊЕ НА НОВА РЕПУБЛИКА.
Создавањето на НОВА РЕПУБЛИКА започна со формирањето на Движењето за нова република на 11 Октомври 2021 во Велес на кој петте основачи донесоа Програмска декларација, Правилник и упатија проглас:
ПОТРЕБНА Е НОВА РЕПУБЛИКА!
Спротивставувајќи се на концептот на корпоративно владеење со државата, ги согледуваме ризиците: по економијата, државните институции, општеството, но и по етничкиот идентитет на Македонците и националниот идентитет како целина на нацијата на Северна Македонија.
Принципиелно ги отфрливме и резултатите од изборите 2014 и флоскуларното „едно општество за сите". 2016 беше последната можност партиите какви што ги познава(в)ме да градат балансирана државна политика.
Новиот политички процес не се „шлепува" зад туѓ авторитет. Не цели кон враќање на процесите, туку кон следните. Оттука, не тргнуваме од веќе етаблиран правен ентитет... туку без претходни „чинови" и хипотеки. Со верба во идеја и автохтона политичка акција на сегашната генерација.
ПОТРЕБНА Е НОВА РЕПУБЛИКА!
Бидејќи досегашната е веќе исцрпена, во политичка смисла, економски, образовно, медиумски... и во културно-историското доживување на себеси и својата околина. НОВА РЕПУБЛИКА е македонскиот политички наратив и акција во кои конститутивноста на македонскиот народ е промислен договор со припадниците на сите други народи. Унапредувањето на правата на сите ги „заштитува" сите од пасивно-агресивниот шовинизам.
За унапредување на односите со сите соседи, соочувајќи се со своите историски и општествени вистини - Потребна е НОВА РЕПУБЛИКА! Впрочем, една од мисиите на Северна Македонија е токму тоа - извозник на регионална стабилност како влог во континенталната безбедност во времиња на предизвици.
За нова Република — Потребна е НОВА РЕПУБЛИКА!
- За политики од интерес на нацијата.
- За успешни компании и претприемништво што носи стандард на граѓаните и заедницата.
- За верски заедници одвоени од државата наместо партнери на партиите.
- За владеење на правото, а не на партиите.
- За слобода, ред и просперитет.
Ова е потешкиот пат. Но се виде дека скратените и „полесните" никогаш не не' одвеле на посакуваната дестинација.
Духот и содржината на Прогласот од 11 Октомври 2021 од денес се изразени во политичките цели на НОВА РЕПУБЛИКА утврдени во Статутот и конкретните политики на НоРа разработени во Програмската платформа.