"Бесплатна" замена на документи до 31 декември: Со нормирано и неселективно рефундирање на трошоците за нови документи се спречува нееднаквост на граѓаните за предизборно додворување
15 февруари 2024·Ивон Величковски

1. Кога Владата предизборно реши да овозможи замена на документи за граѓаните на трошок на буџетот, а дел веќе ги замениле на личен трошок, прашање е како да се спречи нееднаквоста со која се "казнети" ревносните и оние кои не сакале да чекаат "решение во последен момент".
Предлогот е трошокот да им биде рефундиран и на сите кои:
- при редовна замена по одреден датум по 2019 добиле образец со старото име или кои
- предвремено ги замениле важечките документи за да ги усогласат документите со името на државата Северна Македонија пред 12 февруари 2024.
2. Примери:
"Граѓанинот А" ја заменил сообраќајната дозвола во декември 2023, но образецот веќе бил пополнет и дозволата и онака морало да ја менува оти му била издадена во 2017. Нему не му следува рефундација на трошоците.
"Граѓанинот Б" ја заменил сообраќајната дозвола во февруари 2024 иако пред 3 години при купување на автомобилот - добил образец со старото име на државата и сега морал повторно да оди на шалтер. Нему му следува поврат на трошоците.
"Граѓанинот В" во јуни 2023 ја сменил сообраќајната дозвола за да избегне турканици во февруари 2024, иако формално му била важечка до 2026. И нему треба да му се рефундираат трошоците.
На граѓаните "Б" и "В" треба да им бидат рефундирани трошоците, бидејќи и тие и "Граѓанинот Г" кој утре ќе ја промени сообраќајната дозвола на трошок на буџетот - сите граѓани на Република Северна Македонија - еднакво ги менуваат документите заради усогласување со одредбите од Преспанскиот договор.
3. Дали ова решение треба да се однесува на пасошите?
Како патна исправа што полнолетниот граѓанин не мора да ја поседува освен ако не патува во странство - некој ќе рече "Не".
Но граѓанинот не мора да поседува моторно возило и, со тоа, сообраќајна дозвола - а владата сепак овозможува бесплатна замена на овој образец.
Тогаш зошто буџетот не би покрил и бесплатна замена за пасошите согласно точката 2?
4. Размислете за овие решенија. Бидејќи политиката е онолку "голема" колку што ги става институциите и процедурите во служба на граѓанинот.
Институции кои се финансирани од буџетот - кој се полни од граѓаните.