НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Ивон Величковски: Очекувано и правилно - Мицкоски во soft landing, Апасиев ја пакува "Вергина" на таван.

11 септември 2023·Ивон Величковски
1. Лупинзите за "спасување на честа" на партиите се непотребни: судирот одамна не е само меѓу про и анти-ЕУ/НАТО партии, туку меѓу про и анти-ЕУ/НАТО групациите во самите партии.
И правењето кворум за измените на КЗ од Мицкоски и упатството на Апасиев за тргање на "Вергина" од канцелариите покажува дека партиските менаџменти на собраниската опозиција интензивно менуваат курс.
Останатото е техника. Изгубеното време е данок на популизмот. Памет за во иднина.
2. Во мандатот 2011-14, според собраниската резолуција од 2008, предложив Стратегија за решавање на спорот со Грција, како наш проактивен пристап во спорот што не држеше вон НАТО.
Иако беше договорено да исчека став на власта, за низ односот кон Стратегијата да се види дали ("хунза-античката") ВМРО-ДПМНЕ прифаќа консензуален од за решавање на спорот, СДСМ истиот ден на прес го отфрли документот.
По неполна година одмолчување, власта го одби предлогот во Собранието, заедно со СДСМ веќе предводен од Заев.
Стратегијата не предвидуваше дополнето име на државата, но обесхрабруваше приватна употреба на "Сонцето од Вергина", а го забрануваше користењето во државни институции и настани. Обврска и со Времената спогодба и со Преспанскиот.
И тогаш и денес, нашата дистанца од "Сонцето од Вергина" е неспоивоста на елинистичкиот симбол со словенското потекло на Македонците.
Исто како што со неговата содржина (16 краци за 4 страни на светот и 12 богови), "Вергина" е навредливо да стои до знаме на МПЦ-ОА или на било која монотеистичка црква.
3. Но уште поинтересно е кога ќе се истражи како "Вергина" станува прво државно знаме на независна Македонија.
Најчесто го поврзуваат со независниот пратеник Тодор Петров. Организаторот на "спонтаната" блокада на меѓународниот пат меѓу Југославија и Грција.
Која не ја разбиваше ниту републичката ниту сојузната милиција. "Спонтано".
Истата милиција која ниту во Тетово ниту во Вевчани не беше вака "спонтана".
А најинтересно е кога ќе се поврзе дека знамето со "Сонцето од Вергина", кое од доцните 1980 се шири меѓу македонската дијаспора во Австралија - потекнува од Југословенскиот конзулат во Мелбурн.
Каква "коинциденција", меѓу паствата на Владиката Петар, кој етикетира црковни лица посветени на добивањето Томос за автокефалност на МПЦ-ОА од единствено надлежната - Вселенската патријаршија.
4. Изминатата година и кусур, "коинцидирачки" со смената на Заев и доаѓањето на Ковачевски, ваквиот тип "ѕвезди" се добродојдени во медиумите на југо-тајкунеријата. Прошарано со поранешни функционери, МАНУ/УКИМ професура и инфлуенсери - прва, втора или трета генерација на соработници на екс-службите или нивни потомци.
За нив примената на Преспанскиот и Софискиот договор е закана бидејќи:
- ги решаваат проектираните спорови на Македонците со Албанците, Бугарите и Грците,
- ги деинструментализираат Северна Македонија, граѓаните воопшто и Македонците особено од улогата на "чувари" на југо-караулата Македонија,
- и овозможуваат на РСМ да оди напред и да почне преговори за членство во ЕУ.
5. Затоа пак предлагам да бараме точки на консензус, како што може да биде веќе усогласеното решение за државен грб. Тоа може да е добар вовед во консензус за уставните дополнувања. Кои ни се потребни на сите, освен на југословенските талози.
Ковачевски нема потреба од загриженост се додека тие не започнат да го "фалат".
За Мицкоски, пак, важи обратното. Оти тие не само што го "фалат", туку и го "бранат".