НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Скапата цена на премолчувањето (1): 30 години политички поткуп со јавни пари и партиски клиентелизам низ вработувања "на државно" доаѓаат по своето.

16 октомври 2022·Ивон Величковски
Администрацијата ни е преголема и неефикасна, од 2007 до денес удвоена на околу 140.000, иако:
- државата дава иста услуга по опис, за пописно иста популација, додека многумина реално се иселени,
- општината дава иста услуга по опис, за популација променета по број поради преселба во странство или кон поголемите градови.
Нефункционално е, на пр., едно водостопанско претпријатие да има повеќе правници од мајстори и водоинсталатери. Нелогично и коруптивно е, на пр., општина или јавно претпријатие со свои правни сектори да ангажираат адвокатски канцеларии за правно застапување. Секој може да види бројни вакви примери околу себе.
Изборот е или аутсорсинг или вработени за една иста намена. Двете заедно се само двоен трошок за иста услуга што и онака не се испорачува навремено и/или најевтино. А двојниот трошок значи поскапи даноци и давачки за секој од нас.
Прво пандемијата, а сега и кризата покажуваат дека има административци што може да "работат од дома". Но, реално административецот што може да работи од дома и не е неопходен во институцијата, па најмалку што може е - да се аутсорсира.
Затоа преку меѓународните финансиски институции државата треба да го финансира преминот на вишокот вработени од јавниот во приватниот сектор, а не да се задолжува за плати. Според план за оптимизирање на администрацијата и програми за отпремнини и преквалификација, за конкурентно враќање на пазарот на труд.
Низ етапни чекори, вклучително пензионирање и преместување на веќе вработените на упразнетите места - администрацијата ќе оди кон оптимум по број, брзина и квалитет на услуга, сосе правична застапеност. Без социјални потреси.
Тогаш ќе може и да му се зголеми платата на административецот. Оти ќе биде платен за обврските што сега бесплатно ги сработува за партијашот кој цел ден е "на пауза" или "на терен за партијата" и, земајќи плата за неработење - му ја краде платата на професионалецот. И нашите даноци.
Така и синдикатите набрзо ќе покажат дали ќе постојат за синдикалците или за партиите.
Да, полнењето на администрацијата со партиска клиентела започна 1990-тите, "експлодираше" во "груевизмот" и трае до денес... Но доаѓа време за наплата - кога работата "приватно" ќе биде и натаму исцрпувачка, но поисплатлива од онаа на "државно".
Ова го знаат сите и во сите партии.
"Бидермаерот" и се падна на оваа влада - пари за комоција нема и во догледно време ќе нема.
Срамежливите најави за ограничување на платите/администрацијата затоа се недоволни без да се донесат и спроведат споменатите план и програми.
Одлагањето пак ќе не чини поскапо. Ова е и една од основните потреби за темелна реконструкција на Владата - за да биде оспособена за справување со преплетените финансиски, економски, енергетски и безбедносни предизвици.