НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: "Враќање во иднината" 1992 (2): Пред нас е Черчиловата: "Кој не учи од историјата ќе биде принуден да ја повторува"

13 март 2023·Ивон Величковски
При вакви партии во 2023/4, како и во 1991/2, (изборот на) Претседателот на Републиката (ПРСМ) може да е точка на "ресет" (повторно поставување) на системот. Тогаш на ПЈРМ, сега на РСМ.
Во 1990 добивме Собрание на раниот "плурализам". Низ него, при ентузијастични граѓани, а преискусни служби, старите "елити" само беа прераспоредени во новите партии. Во 2023 партиите (во Собранието) се истите (деривати) од 1990, а 30 години застој го "уби" ентузијазмот на граѓаните.
Негативната селекција од "елитите" ги "зомбираше" општеството и претприемништвото за контрола врз политиката и финансиите. Нивните партии, медиуми, нво-и го потискаа општеството до обичен резервоар на работна сила и гласачи.
Но откако дел си заминаа по просперитет вон Македонија, а се уште присутните им го "покажаа прстот" 4 избори по ред, "елитите" почнаа да цимолат низ Комората, а партиите станаа обични печатери на номинации на функционери кои - небитни вон канцелариите - ги блокираа институциите.
"Ѓаволот ја однесе шегата". Деблокадата итно бара авторитетни наместо авторитарни и автохтони политичари, наместо бизнис-политиканти. И се помалку зависи од волјата на привилегираните, а се повеќе од нашата решителност.
Во такви околности, употреблива "нулта точка" на институционалната деблокада станува ПРСМ ако има надпартиски и антокорупциски авторитет.
Глигоров во 1991/2 и Трајковски во 2001/2 беа ликови на деблокирање на институциите. Додека професионално ја вршеа функцијата изолирани од (корупцијата на) партиите, беа корисни и почитувани.
Штом се солидаризира со приватизацијата, Глигоров ја плати цената. Штом ги стави обврските кон сопартијците пред системот, аурата на Трајковски почна да бледее. Фокусот на партиските пред државните интереси го поништи и имиџот на Црвенковски. Незанимавањето со својата работа (од Иванов и Пендаровски) од "Водно" направи обична вила, а не претседателска резиденција.
Сите овие ерозии на улогата на ПРСМ ја однесоа апсолутната моќ во Владата што прво ги корумпираше партиите, а потоа ги збриша политичките и економските процеси и го блокира системот низ уривање на владеењето на правото.
Втората шанса за "ресет" на институциите и самата држава и економија, затоа, доаѓа со новиот циклус во 2024.
Во него изборот на Претседател и врховен командант на Армијата на НАТО-вска Северна Македонија е далеку побитен отколку до сега.
Затоа сеансите на Заев и Мицкоски за реплика на меѓусебното договарање од 2004 ("Црвенковски на Водно, Груевски во "Илинденска", Ахмети во Речица, другите на гурбет") се само прочитан обид за одржување на распаднат систем презрен од сите.