НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Скапата цена на премолчувањето (2): Буџетот до приватизацијата им ги субвенционираше загубите на фирмите, а од тогаш до денес - профитот.

19 октомври 2022·Ивон Величковски
Соц-директорите станаа "газди" во ист парто-семеен монопол и од 1991 се концентрираа околу "системот" Стопанска комора + партии на Македонците, со цел:
- економијата (големите фирми за прехрана, енергенси, шпедиција..). и финансиите (банките) да останат во контрола на системските Македонци,
- несистемските Македонци и Немакедонци и претприемачите да бираат само меѓу: врски за кредит во банка, за наплата на побарувања во фамозната "СОК" - или да се иселат.
Во таа имитација на пазарно стопанство "системот" го поклопи пазарот, го срози претприемништвото и под плаштот на политички плурализам го одржа економско-политичкиот и образовно-информативен монопол проектиран од и за д(ва)есетина семејства.
Со поддршка од скопските Правен и Економски факултет, МАНУ, НИП-от, РТВС и "ергелата општествено-политички работници" од Капиштец, Градски Ѕид, Дебар Маало до Илинденска - верни на изворот (СКМ/ССРНМ/ССММ) и лепакот (Службите), без оглед во која партија "им се падна" да припаѓаат.
Во потрага по брз профит, деиндустријализацијата ги претвори машините на многу приватизирани фирми во старо железо, а дворовите во градежни парцели. Последично, градежниот меур и, со тоа, банкарскиот што го финансира се пред пукање оти снемува кредито-способно население и започнува наплатата:
Деиндустријализацијата на Македонија и отсуството на работна сила само го продлабочуваат буџетскиот и дефицитот во трговската размена. Заедно со преобемниот и прескап јавен сектор веќе ги загрози и буџетот и фондовите кои зависат од него.
Обновата на пропаднатата економска основа бара упорна и планирана санација.
Деиндустријализацијата не може да се надмине со марихуанизација и со бескрајно субвенционирање.
А санацијата не може да ја спроведуваат истите "сили" и елити кои доведоа до деиндустријализација, бидејќи тие, видовме, не знаат да создадат.
Кога зборуваме за субвенции прво помислуваме на земјоделството. Постојаниот пад на земјоделското производство и негативниот увозен биланс кажува дека и тие за сега се само средства за краткорочен социјален мир. За среќа, тоа може да се корегира.
Но субвенционирањето како социјална мерка сепак започна поодамна, паралелно со приватизацијата, со владината субвенција на цената на горивата, од која реално профитираа само фамозните "приватизери".
Денес повторно партиите во сопственост на истите "приватизери" низ субвенционирањето на струјата за нив - не тераат уште еднаш да го плаќаме профитот на истите компании.
Накратко, втората генерација на оние кои ни ги пратија родителите "под Завод", сега пак би да ги троши нашите пари (преку буџетот) за нивен профит.
Наместо да инвестираат во енергетски капацитети или во акции во такви во соседството, истиот "систем" што од 1990 носи гасовод сега уценува: субвенционирање на струјата или отпуштање. Не се лажете - немаат можност да отпуштаат работници.
Врескаат оти изборот им е скратен:
- да брцнат во своите резерви од 30 годишниот профит и да се реструктуираат или
- да ги продадат фирмите/банките на оние кои ќе работат со менаџмент способен за пазарен натпревар. На домашни инвеститори кои ги нема или - она што најмногу ги плаши - на странски.
Оти тие ќе останат без влијанието на кое се научени, но Македонија ќе ги спаси малите и средните претприемачи кои 30 години се оставени.
И ќе ги упати јавните пари во здравство, пензии, образование, инфраструктура, одбрана... наместо во нивните џебови... И корупцијата мистериозно ќе опадне. А без корупцијата - "системот" им е готов.