НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Скапата цена на премолчувањето (3): "Кодот на Скопје" - Проектиран страв од "федерализација на Македонија" за "федерализирање" на Македонците

27 октомври 2022·Ивон Величковски
Летово докажа колку старото политичко Скопје не го следи пулсот на Македонија и Македонците. Додека медиумите и професурата создаваа паника од "бугаризација", а агентурата поттикнуваше насилство - Скопје протестираше, а Македонија кулираше.
Прекинот на идеологизирањето на македонскиот идентитет и референдумските преигрувања посрамотија "врвни" политичари, правници, аналитичари и опинионисти, разголувајќи ги дека:
- се "врвни" само при контролирани медиуми,
- поверувале во проекцијата дека идентитетот ни зависи од поставеноста кон друг(и) народ(и), и со тоа
- се сомневаат во идентитетот на својот народ.
Ако "францускиот предлог" покажа дека Македонците се неспорни за Европа, тоа за македонскиот јазик го потврди Договорот со ФРОНТЕКС потпишан на - македонски.
Распадот на "моралната вертикала" на Кодот, според која политичко Скопје гледаше на Македонците "од високо", сега ќе го принудува да ја врати темата "федерализација". И како и во 1980-тите, заплашувајќи со територијална, ќе ја храни етно-федерализацијата на Македонците.
Меѓу 1945 и 1991, по тој Код, Македонците се делеа на комунисти ("југословенисти") и анти-комунисти ("бугараши") за вторите да бидат ставени на маргините на економијата и институциите.
По грчката граѓанска војна се делеа на Македонци и Егејци, за вторите да мора да докажуваат лојалност кон македонството низ лојалност кон системот и судир со Албанците.
Според руско-српскиот модел на етнизирање на православието и воопшто религијата,, ги оддели Македонците муслимани од македонскиот кор и ги проектира како контрола кон Албанците и Турците.
По 1991 поделбата се надгради во "урбани/сељаци", "антички/словенски", "фини/небањати".
Федерализирајќи ги внатре-етнички по семејно и територијално потекло или по верска, политичка и партиска припадност, Кодот на Скопје ги проектираше Македонците во конфликтност меѓу себе и со сите околу себе и во фрагментираност до обесхрабреност и избезуменост. И со тоа до подложност на манипулација.
Затоа во овие осумдесетина години низ системот се јавуваа различни лобија, но никогаш "скопско".
Согласно Кодот, системско Скопје беше проектиран делител на милост за останатите иако во основа беше само барател на привилегии за себе од Белград и неговата пред или пост-југословенска проекција на "српски свет", како балкански крак на "рускиот".
Деидеологизирањето на македонството го разби Кодот на Скопје
Последните петнаесетина години несистемските (читај: мнозинството) Македонци сфатија дека:
- се непретставени, бидејќи финансиско-политичките елити беа формирани според Кодот на Скопје, а не според потребите на Македонците,
- се ограбени, бидејќи таквите елити понудија избор: оставете ни ги парите, иселете се или трпете,
- се тивко, но убедливо мнозинство граѓани од втор ред во кој се сместени од системските Македонци, а не од Немакедонците.
Затоа денес проблем со внесувањето на Бугарите во Уставот немаат Македонците, туку корисниците на Кодот на Скопје: штом Уставот ги третира обата, како и другите народи во Македонија, нивната различност е фактичка. Со тоа партиската дебата завршува и ги обесмислува и Кодот и неговите следбеници.
Затоа и дел од опозицијата која ја креваше тензијата сега бара начин како да се извлече од темата. Но за тоа пред се ќе треба да се ослободи од креаторите и гласноговорниците на правецот кој ги доведе до ѕид.
За почеток, прекинувајќи ја новата парто-медиумска операција за старата хистерија околу "федерализација" на Македонија. Која не ја бараат ниту Албанците ниту Македонците туку им е потребна на политичарите и "интелектуалата" од Кодот на Скопје.
Оти таа им е последната тема која може да ги држи Македонците во дејтонска Република Македонска.
Џабе, таа е декомпонирана во натовска и европска Северна Македонија.