НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Она што во 1938 се "плебисцитите" во Судетите и при австрискиот аншлус, во 2022 се т.н. "референдуми" во украинските области окупирани од рускиот агресор. Затоа и не можат да бидат признати.

26 септември 2022·Ивон Величковски
Прво, денес нема "Минхенска криза". Европа не преговара за жртвување на Украина, Полска, Балтикот... Второ, нема државници кои се за примирување (appeasement) со агресијата на Путин. Отворањето на финансиите на децениското руско малигно влијание ги открива играчите на Кремљ. Трето, трансатланскиот и континенталниот модел на безбедност и економско-енергетска поврзаност ги штити помалите нации од поткусурување со нив.
Спорадично, да, има "примирувачи" со агресијата. За нив мир е можен ако Украинците немаат оружје за да се бранат. Примирувачите не бараат рускиот агресор да се врати на границите од 2013.
А всушност тоа се истите:
- "Конзервативци и патриоти" до Ковид-пандемијата,
- "Анти-глобалисти и анти-ваксери" во пандемијата,
- "Анти-империјалисти и левичари" по пандемијата.
Тие се распоредената "јавност" по медиуми, партии и мрежи за јога-православие наутро, отворено балканство на пладне и братство по тендери навечер.
Граѓанисти и националисти по задача, југомакедонисти по фамилија, панслависти по реч - сите во функција на сопствениот паричник и руското влијание во регионот и Македонија. Дистанцата (на државното раководство и политиката) од ваквата "јавност" е санитарна потреба.
Поддршката на украинскиот територијален интегритет и низ непризнавање на "референдумите" од страна на Ковачевски е правилно.
Оваа позиција на Владата заслужува недвосмислена поддршка без оглед на партиската припадност.
Сликањето со градоначалници на Мицкоски или драмата со "запирката во амандманот" на Апасиев и Сиљановска не ги ослободува од прашањето: Каков е нивниот став за референдумите во окупираните области во Украина?
Европа, Кавказот и Кина не се исти по 90 години, за немоќно да исчекуваат нов зафат на рускиот територијален експанзионизам. Затоа пораките за непризнавање на "референдумите" доаѓаат и од земјите кои Путин ги гледа како "руски свет".
Отпорот кон мобилизацијата и крвавите инциденти покажуваат дека руското општество не е помирено со војната на Кремљ.
Напротив, тоа ферментира, бидејќи разликите во него од економски и социјални прераснуваат во егзистенцијални.
А во ерупцијата на разликите, историски, таму автократијата и диктатурата лесно се заменувале.