Враќање во иднината 1992 (3): Третата "црвена линија" на југословенско Скопје пред европска и евроатланска Македонија
16 март 2023·Ивон Величковски

1992 "црвена линија" во спорот со Грција беше "двојната формула". Во 2005, "црвена линија" стана "референдум за името". Епилог на двете "црвени линии": името на државата е Северна Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во обата случаи заеднички ги дефинираа "црвените линии". Едните неволно ги предлагаа, другите принудно ги прифаќаа, под покровителство на тогашните претседатели на Републиката.
Затоа што знаеја дека зад реториката на "праведност" се крие тактиката на одложување на европските и евроатлантските интеграции.
Пендаровски неделава се обиде да промовира нова "црвена линија" со барањето извинување од Бугарија за депортацијата на Евреите од Македонија во 1943.
Во очекување на посетата на Борел, би било љубезно тој да даде мислење дали ЕУ го прифаќа условот на кандидатот за членство во ЕУ кон ЕУ-членката.
Ама Пендаровски задолжително треба да одговори дали барањето му е усогласено со Ковачевски и Османи, чија надворешна политика до сега ја минираше два пати:
- прво, со учество во делегациите на Мицкоски и Апасиев во Благоевград и
- второ, со барањето за прогласување бугарски маргинални политичари за персона нон грата.
И за чии потреби по трет пат пробува Македонија да ја инсталира како тема во бугарските парламентарни избори.
Но, "трета среќа": Пендаровски фати тема што нужно отвора и други далеку понезгодни прашања:
1. Ако Бугарија е вброена во Редот на праведните од Израел, дали барајќи извинување од Софија, Скопје им ги спори на Евреите историските поимања за холокаустот?
2. Транспортот е организиран од тогашниот бугарски режим. Но кои се тие коишто ги идентификувале македонските Евреи од куќа на куќа, од маало во маало? Некои Бугари од Варна, Бургас... или некои Македонци од Скопје, Штип...? Кои? Од каква позиција? За каква придобивка?
3. До каде се сега имотите на еврејските жртви од Македонија? Музејот на холокаустот не може да е замена за целосна реституција на имотот за индиректните наследници.
Да, Скопје е изменето по земјотресот, но што е со тие куќи, земјишта... од 13 ноември 1944 до 25 јули 1963? Каде е мебелот, сликите и што и да имало во нив се до депортацијата на сопствениците? Во Штип, на пример, немало таков земјотрес. Дали ова прашање е поврзано со имотот на функционерите на комунистичката власт по 1945?
Ова се само дел од непријатните прашања.
При ваков расчекор меѓу политичко Скопје и реална Македонија, евтиниот обид за старт на кампања за 2024 нема ефект ни 3 дена.
Но прашањата покренати од ваквата евтина политика ќе одекнуваат многу подолго.