НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Солзите на "Комората" 2023: Сага за пропаднатите монополи и привилегии на старо Скопје што не може да ги одржат ни "Отворен Балкан" ни "Белград бојс", ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ

28 декември 2022·Ивон Величковски
Политички коректно речено, обраќањето на Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) од крајот на 2022 е "алармантно предупредување" за економско давење или испливување.
Реално гледано, обраќањето е обично набројување на последиците по националната "економија" произведени од Комората. Заедно со останатите триесетгодишни партии, медиуми, МАНУ... "општествено-политички" работници - наследници на СКМ/ССРНМ/ССММ/РТВС/НИРО "Нова Македонија".
Едноставно, за која економија зборува СКСМ?
За оваа имитација поставена да ја продолжи 1974 со институционални инсталации и предизборни памфлети на професурата?
Втемелена на одржување на режимот на СРЈ по цена на блокада на Македонија за профит од шверц?
За оваа на производство зависно од јавни набавки, буџетски субвенции за струја и странски помошти?
За оваа на повеќе административци и пензионери од вработени во производството?
Произведувањето предвремено-изборна атмосфера паралелно со драматиката на Комората, затоа, не е случајност и ќе расте заедно со потребата од:
- дефокус - од нестабилна Србија додека го оди патот на признавање на Косово - кон нестабилно Скопје,
- прекинување или барем успорување на отворањето на уставните промени, за репозиционирање на старо Скопје од Отворен Балкан на Берлински процес,
- одложување на пукањето на градежниот меур,
- одржување на монополот во снабдувањето со електрична енергија и особено со енергенси.
Но, како ќе привршуваат јагленот во РЕК-от и со тоа тендерите за ископ на членките на СКСМ и како паѓа монополот на Макпетрол за гас...
Како банките нема да го сервисираат финансискиот систем на "12 величествени" и на високоградбата во Скопје за легализирање на црните пари од 1990/2000-тите...
Како тендерите ќе бидат се поскрутинизирани од институциите...
...така Груевски и Заев ќе бидат само сеќавања за "убавите времиња" на СКСМ и нивните партии и медиуми - оти тие им беа најкорисните промотори на коморските на сметка на државните приоритети.
Односно за пара-економијата на "Република Македонска" врзана во "Отворен Балкан" - последниот обид за регионална база на мрежата почесни конзули, потомци на "директори предузеќа", остарени "омладинци" и "Белград бојс" Американци.
Таа пара-економија завршува со секој чекор кон признавањето на Косово од Србија за формален крај на војната во Југославија. Со тоа се демонтира "српскиот свет" како балканско крило на "рускиот" и нивната пост-комунистичка олигархија во С.Македонија (Косово, Ц.Гора и БиХ).
Пара-економија на убиено претприемништво и исклучување на несистемските Македонци и Немакедонци од приватизацијата до и по 1991. Добри за копање зелка или иселување.
Потресот за ова се чувствува и ги предизвикува тековните пореметувања во ДУИ, но и судирите во и кон раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ сосе сателитите.
Накусо, неспоива е парто-економската "Отворен Балкан" проекција на СКСМ за економија на ПЈРМ со евро-адаптирана економија на Северна Македонија низ Берлинскиот процес.
Особено што по 30 години и Македонците и воопшто сите во Северна Македонија одбиваат да живеат во систем каде џиповите, вилите, тендерите и шопинзите во Дубаи се за вас, а минималецот за нас.
Нас не боли иселувањето на нашите деца и внуци. Вас ве боли игнорирањето и недостатокот на квалификуван кадар без кој веќе немате профити.
И мора да посегате по паричникот.
Чувството на немоќ доаѓа од фактичкото обезвластување на старата елита.
Оттука неприменливо и смешно е барањето истите "интелектуалци", економски креатори со нивните партиско-медиумски извршители од овие 30 години да создадат ново, одржливо решение за економијата што еднаш веќе ја упропастија.
Решение нема да дадат ниту предвремени избори, кои може да ги нема во 2023 само со темелна владина реконструкција.
Со овие и вакви партии, институции и медиуми, ниту Ковачевски ниту Мицкоски не можат на "елитата" здружена во СКСМ да и ги стават на располагање економски и буџетски основи потребни за да се одржи досегашната економска структура.
Среќна нова 2023.