Величковски за изборите 2024: Повторувањето на операцијата со Бучковски ќе доведе до повторување на последиците од Груевски
23 ноември 2023·Ивон Величковски

Но овој пат (граѓаните на) Северна Македонија и особено македонскиот народ не ќе има(ат) сила да се носат со нив.
Обидот за реплицирање на атмосферата 2005/06 е превидлив за да биде случаен и одмолчан.
Имено, како Бучковски тогаш така и Ковачевски сега:
- Сака да верува дека рутински реплицирана коалиција со досегашните ликови е доволна за мобилизација на мнозинство во електоратот. Сите знаат дека е потребно „да се жртвуваме“, но не доколку „жртвувањето“ е за граѓаните, а привилегиите за политичарите,
- Одмолчува дека сите партии, вклучително неговата, се разбиени и поделени. Сите гледаат дека изборот е меѓу европска и евроатланска наспроти југословенска Македонија. Првата ја бараат граѓаните, втората ја чуваат тајкуните и нивните медиуми и партијаши.
- Залудно се надева дека ќе креира кадровско-политички правец без уцени. Ова особено откако ќе остане претседател на партијата, но не и на Владата. Тогаш сите ќе испостават „фактури“ за да „трчаат на избори“ и сакајќи да се допадне секаде – ќе биде блокиран од мнозинството од сите.
- Неподготвен да застане зад интегративен и проактивен политички капацитет во Претседател на Републиката во време на предизвици, ќе произведе четврт мандат на безгласен потстанар во „Вила Водно“. Со сите последици видливи и сега.
Во такви околности, реплицирањето на Груевски во Мицкоски е природен процес, макар Мицкоски и да не го посакува, бидејќи:
- Ќе се проектира нова "ДПА 2006-08" за нови предвремени избори за "јасно мнозинство" кај Македонците и "реално претставништво" кај Албанците. Главно залажување за поразените ќе биде „само што не се направила широка, концентрациона, техничка... Влада“.
- Познатата премиса „стабилност со кого и да е“ наспроти „правилност за одржливост“ ќе ја тргне земјата од приоритетната листа на интеграциите и Северна Македонија ќе чека на општествената санација во Србија, а потоа и во БиХ.
- Економијата ќе остане „статистички ветувачка“, но реално фиктивна, врамена меѓу досегашните јавни инвестиции, градежничките фавели за финансии за општините и странските кредити и дотации.
- Ова ќе го продолжи иселувањето, деиндустријализирањето и падот на стандардот во државата на пензионери, заедно со зависноста од буџетот што ќе остане социјален, но не и одржлив.
А со тоа, зависноста и на компаниите и на граѓаните од недоволниот буџет ќе доведе до ново заробување на државата.
Едноставно, презимињата и ликовите се небитни при вака фиксирани параметри.
Личи песимистички? Не, ова е оптимистичка проекција, бидејќи во неа не се вкалкулирани регионалните и пошироките политичко-безбедносни предизвици што ни се проектираат низ активните малигни влијанија.
Личи заканувачки? Не, со закани се занимаваат само партиските мафии.
Ова е предупредување за извесните предизвици пред нацијата соочена со имплозија.
За ова сите се свесни, а политичарите се должни да ги препознаат, дефинираат и на нив одговараат со дејство.
Ова е професија што бара знаење и одговорност, но и авторитет и одважност.
Да одиш прв „по неразгазениот снег“ оти знаеш каде е целта. И не се плашиш дали така е потешко туку знаеш дека така е правилно.