Во текот на 23 Октомвриските повици за "сплотеност" и "единство": Уставните промени и вицот за "двете кокошки и петелот"
23 октомври 2022·Ивон Величковски

Две кокошки "бегаат" од петелот околу кокошарник, иако и двете знаат како ќе заврши "дневната рутина". Трчајќи го вториот круг, едната и вели на другата: "Јас сега ќе се "сопнам" за петелот да ме стигне".
Другата и одговара: "Јас ќе трчам уште еден круг па ќе се "сопнам", да не биде дека сум така "лесна".
Овој стар виц го опишува ретерирањето на водството на ВМРО-ДПМНЕ околу уставните измени. Траекторијата од "ќе си дадам оставка ако и еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ гласа за промена на Уставот" преку "ќе го репреговараме Софискиот договор" до "бараме ЕУ-гаранции дека нема да има ново вето за Македонија по измени Уставот" е јасна.
За да прескокнеме следни "Не знаевме", "Неправда/бугаризација протести" и "нотарски изјави" на пратениците-статисти, веднаш да знаат дека знаеме:
И со и по скринингот - и до и по уставните промени... членството во ЕУ ни е толку блиско колку што се придржуваме до договорите со Софија и со Атина, колку што имаме владеење на правото и колку што ги спроведуваме преземените обврски.
Уставните промени се потребни и, како и по Преспа - тоа го знаат и Мицкоски и Николовски и... Груевски. И како и по Преспанскиот договор ќе се случат со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Белата палата тековно (ќе) решава за модалитетот ("крстомуковски" - демек неволно или со јасна поддршка).
Во моментот личи дека само се бара точка на "чесна отстапница" и "мотивација" за 2/3 мнозинство, што се гледа и од реториката на партиите на Албанците.
Дали ваква точка е и "изненадната" усогласеност околу енергетската криза и околу снабдувањето со енергенси - по предлог од опозицијата, по спроведување од власта - брзо ќе се види.
Штетата по институционалниот и правосудниот систем ќе биде непоправлива доколку овој процес остане под плаштот, па дури и само под сомнежот дека мотив за консензус за уставни промени се разни "Делчевски ниви" или споделени финансиски интереси на партиите од власта и опозицијата.
За тоа да се избегне, потребно е особено партиите и релевантните политичари (кај Македонците) јасно и недвосмислено пред своите гласачи да се откажат од реториката и политиката "Никогаш Северна", "Бугари-Татари" и сл. изблици на југо-македонизам, вклучително дневните дози анти-албанство.
Притоа ќе се ослободат од неговата проекција на дејтонски поделена Македонија, спротивна на рамковна (Северна) Македонија каде ние Македонците ја остваруваме државноста (рамноправно со сите граѓани), низ Преспанскиот и Софискиот договор имаме уредени односи со соседите и заклучно со признавањето на МПЦ-ОА практично немаме отворени идентитетски прашања.
Затоа, додека на социјалните мрежи "фрчат ками и пиштоли", да се сетиме дека пред век и кусур за ништо од ова не можело ниту да стане збор.
И дека нашиот денешен револуционерен предизвик е избор на политичари и политики кои ја чуваат и развиваат државата. И македонскиот, како и сите други народи во неа.
