НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

"Шарена револуција" (Македонија) vs. Национална еволуција (Косово)

5 јуни 2023·Ивон Величковски
Навидум е парадоксално, но притисокот на ЕУ и САД во регионов е врз:
- Македонија, за оспособување на системот за владеење на правото, согласно националниот Устав
- Косово, за одлагање на владеењето на правото на целата територија според националниот Устав.
Во Македонија социјалниот момент беше киднапиран од истите елити поради кои и се случи "Шарената". "Нема правда - нема мир" се замени со: "Нема привилегии - нема мир".
Пактот на "странците" со политичарите, невладините, медиумите и олигархијата кои за 30 години не жртвуваа ни милиметар комоција сега доаѓа по своето:
- Непретставените граѓани бегаат од партиите, но и од земјата,
- Странците немаат соговорници во институциите,
- Поделените општества не градат национални цели оти ништо не очекуваат од државата, институциите и системот.
Затоа, лидерство нема, функциите личат октроирани, решенијата делумни, кризите постојани.
Во Косово се случува обратен процес. Поучено од својата историја на постојан судир со соц-реалистичкото правно читање и економија, од независноста гради институции со западни стандарди (и помош) и денес важи за регионален пример за владеење на правото, инвестиции и... функционален систем.
Иако без ЕУ визна либерализација и кандидатски статус, предничи во овие области и пред нас и пред Албанија, БиХ, Србија, Црна Гора.
Поради имиџот на Курти и Османи? Делумно. Поради нивните откажувања од комфорот непоимливи за многу други регионални политичари? Да.
Но пред се поради решителноста на Косоварите (а особено на Албанците од Косово) за прекинување на неказнивоста на сопствените политичари при корупциски сомнежи или политички грешки.
Оваа еволуција од историски трауматизирана територија во нација на различни народи (албански, српски...) со иста цел - сега е ризик за (промоторите на) елитите во Македонија кои пристапот и ликовите од 1990 сакаат да го реплицираат и во 2023.
А не можат без да предизвикаат нов регионален застој во кој врз Македонија и Косово (ќе) се проектираат и судирот меѓу службите и правците во Србија, и внатрешните разлики во западните метрополи, и неусогласеностите околу Западниот Балкан меѓу двете страни на Атлантикот.
Тоа би била прескапа цена за одржување на статус-кво-то и стабилократијата во зоната на "Отворениот Балкан".