НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Македонија - Бугарија "0:2" - Еден гол од Бугарите, еден автогол од публиката.

27 септември 2022·Ивон Величковски
Исвиркувањето на бугарската химна и навредливите скандирања се недозволиви.
Бидејќи премиерот беше присутен на трибините, претпоставувам и лично ќе почувствува потреба да се дистанцира од нив и да ги осуди.
Но и на лице место се увери дека е време за санкционирање на однесувањето на навивачите, на пр. со неколку соодветни натпревари без публика.
Не затоа што тоа некој би го барал од нас, туку за да се постават минимум стандарди на пристојност на натпревари што ќе ги нема се додека владее неказнивост.
Кога децата ќе видат дека следните мечеви на "рисовите" ќе ги гледаат на ТВ наместо во живо, ќе ги прашаат родителите зошто е тоа така. А родителите ќе поведат повеќе внимание каков пример им даваат на децата.
Намалениот приход од билети ќе и покаже на ФФМ дека подготовките со навивачите и редарите ќе мора да ги направи темелно.
Овој модел потоа ќе може да се преслика на трибините и во националните првенства и во сите спортови кај нас. Да почнеме со време. Агенцијата за млади и спорт уште постои, нели...?
Да, тоа ќе значи откажување на партиите и службите од "услугите" на навивачките групи какви што ги знаеме до сега. Но и онака им изминува рокот на употреба како што ги знаеме до сега. И на партиите и на службите и на нивните навивачки групи.
Безобразлукот е само манифестација на немоќта, Не сум стручњак за фудбал, но личи дека публиката и пред првиот удар на топката ја поништи стратегијата на стручниот штаб и репрезентацијата влезе во вителот создаден од трибините.
Додека траеше мечот Македонија - Бугарија, играа и Англија - Германија. Овие две репрезентации доаѓаат од земји што меѓусебно војувале два пати и притоа си нанеле милионски жртви. Исвиркување химна? Ни под разно. Тие знаат дека уважувајќи ја туѓата национална химна, ја почитуваат својата.
Никој не е изненаден зошто во Скопје може навредливо да се скандира по бугарската, но не и по други репрезентации.
Ако со несанкционирање на навредите се потврди целната неказнивост, тоа само ќе го зголеми резултатот во "0:3". И третиот гол ќе биде автогол на политиката.