Честит 11 Октомври: Нема борба против фашизмот без борба против тоталитаризмот во сите негови форми.
11 октомври 2023·Ивон Величковски

1. Има толкувања дека Првата и Втората се всушност една светска војна со 20 години примирје меѓу нив: за одбрана на постоечките или ново креирање империи. Без оглед на толкувањата, ХХ век е период на самоопределување на народите.
2. Неидеологизираниот поглед на II Светска војна на Балканот отсликува и една широка граѓанска војна од која јасно се диференцираат и последните потиснувани идентитети и етнички ентитети.
Но и јасно исцртува дека судирот со нацизмот и фашизмот на Балканот не може да се поедностави како победа на комунизмот. Бидејќи се до отворањето на ослободителните движења за припадниците на предвоените граѓански партии, тие се малубројни.
3. Првиот повоен судир на плуралната демократија со тоталитаризмот/комунизмот на Балканот е граѓанската војна во Грција. Низ призма на Македонците - со сите последици на жртвувањето во име на комунистичката идеологија како чадор на советскиот/рускиот империјализам.
Во Европа тоа се задушените антикомунистички/антисоветски востанија 1953 во Источна Германија (ГДР), 1956 во Унгарија, 1968 во Чехословачка.
Конечната победа над тоталитаризмот во Европа што води до остварување на правото на самоопределување на народите е падот на Железната завеса и распадот на СФРЈ, ЧССР и СССР.
4. Денес е интересно прашањето зошто од ГДР до СФРЈ официјалната историографија инсистира на борбата со фашизмот, но ја одбегнува темата борба со нацизмот?
Обата овие тоталитаризми се спротивставени на комунизмот, но токму антисемитизмот, антисловенството, расната супремација во ексклузивен животен простор се основата за наци-злосторствата ширум континентот и холокаустот.
Затоа што нацизмот и комунизмот коегзистираат - од Пактот "Рибентроп-Молотов" и советската окупација на Балтикот и Источна Полска како компензација за нацистичката анексија на Австрија, Чехословачка и Западна Полска - се до "Барбароса".
5. Со сето ова во вид, ослободен од идеолошка матрица, 11 Октомври е повеќе од лимитот што му е проектиран од југословенската историографија.
11 Октомври ги одбележува не само македонскиот антифашизам, туку и општо македонската борба против тоталитаризмот.
А тоа е борбата на слободарските движења на сите балкански (и европски) народи во ХХ век.
За Македонците и сите народи во Северна Македонија, крунисан на 8 Септември 1991.
Борбата против тоталитаризмот е активна и денес. На европско тло тоа е отпорот кон руската агресија врз Украина.
Честит 11 Октомври.