НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

По 11-ти, пред 23 Октомври: Што и како празнуваме - и зошто во 2023 веќе е време тоа да го менуваме

14 октомври 2022·Ивон Величковски
Долготрајна е дебатата колку празници имаме - државни верски (Божиќ, Рамазан бајрам...), државни световни (Нова година, Илинден, 8 Септември, 11 и 23 Октомври) и верски (Богојавление, Богородица, Курбан бајрам...)
Точно, корисна е дебатата за тоа дали некои од верските празници треба да останат неработни и дека календарот на МПЦ треба да се усогласи со останатите православните цркви, за барем Божиќ да го славиме со светот.
Но, при крајот на "сезоната" на државни празници од световен карактер, ја нагласувам потребата како, низ современ пристап, да ги празнуваме како нешто повеќе од "неработен ден".
И како да оконча бесмислената одделност на пораките за 2 Август, 8 Септември, 11 и 23 Октомври заедно со надживеаниот формат на бирократ-функционерско одбележување датуми.
Познато е, сценографијата е "постојана": Претседателот (на Републиката/Собранието/Владата) од говорница опкружена со икебани од цвеќиња и партиски статисти, со говори пред функционери со "замислен поглед", се осврнува на историјата низ дневно-политички пораки, по што се преминува на "скромен коктел". Како во време на Другарот Лазо, така и во време на Господинот Стево.
Во овие осумдесетина години одбележување, нападот врз уќуматот 1903 и участокот 1941 се изанализирани од сите страни и аспекти. И основањето на ВМРО (сосе сите негови деривати) 1893 е постојано исто опфатено за да продолжи да ја држи доволно оптегната "пружината на револуцијата" и доволно бегла самоидентификацијата на револуционерите.
Главна вест од ваквите настани и онака се пораките на партиските претставници и евентуалните ексцеси на прославите.
Накусо, ако целта е да "се мине редот", доволна е свечена собраниска седница, положување цвеќе на односна локација и она омиленото - снимање изјава во која задолжителни зборови се "сплотеност" и "единство" иако во кажаното не веруваат ниту оние што ги искажуваат.
Понесени од рутината, забораваме дека целта е празнувањето, што значи непосредност, интеракција, поврзување на луѓето со својата (државна) заедница и со своите блиски во опкружувањето.
Тоа може да се случи со една, централна прослава на плоштад на датумот кој е амалгам на успешноста на македонската народна самобитност и круна на желбата на граѓаните на (Северна) Македонија - 8 Септември.
За парите што се даваат за овие здодевни реплики на собиранките со соцреалистички амбиент - може да се организира концерт.
Не на Аца/Карлеуша/Цеца/Чолиќ или некој друг од познатиот екс-ју репертоар, туку на Дуа Липа, Ава Макс, Дејвид Гета или друго познато светско име од музиката - привлечно за младите, заборавени од Македонија од независноста и препуштени на мантрата на клик-јадиците на живаљевик-медиумите или на носталгијата на нивните родители.
Тие ќе направат забава на која цел регион ќе се слее во Скопје или каде и да се организира концертот. Еден настан - ама вреден. Што ќе се исплати само од купена храна, пијалок и сместување од посетителите од странство. А нивните домашни предгрупи ќе имаат промоција за која не ни сонувале.
Секако, тоа ќе значи откажување од навиките. Не од традициите. И во оваа сфера. Можеме да испланираме нешто ново, наместо само рутински да импровизираме "по старо"?