Македонија 2020 и 2022: Нервоза во ДУИ, ама уште поголема кон ДУИ
17 октомври 2022·Ивон Величковски

Кога во 2020 Заев и Мицкоски предизборно седнаа со Пендаровски да бараат "национално единство", како точка на усогласување беше препознат обидот за моделирање по нивна мерка на претставништвото на Албанците.
На прв поглед консензусот требаше да личи дека е кон "албанското прашање" виз-а-ви Македонците, спорот со Бугарија и сл., но се разобличи како веќе видена проекција на држење на (партиите на) Албанците вон европското прашање на Македонија.
Од денешна призма, во 2020 гласачите-Албанци ја дешифрираа едногласноста на Заев, Мицкоски и нивната "јавност" (провладини и опозициски медиуми сосе "граѓанисти") во однос на ДУИ и го поддржаа "ѓаволот што го познаваат" во 2020, за во Тетово 2022 да му покажат "жолт картон".
Судирот на "јавноста" со општеството го даде следот: изборни резултати 2020 -> одбивање на Мицкоски да прави влада -> демисија на Заев, Димитров и Шеќеринска 2021 од владата и СДСМ -> отворање на шемата Мицкоски/Апасиев/Таравари -> влада на Ковачевски -> усвојување на "француски предлог -> почеток на преговори за членство во ЕУ 2022.
Илустративно и неслучајно е што "јавноста" во ДУИ (точно) препознава се, од прераспределба на лични и локални влијанија во партијата до отворање на реконструкција на Владата... но свесно го премолчува најзначајното - дека овие процеси:
- се најава за нова партиска динамика како кај Албанците, така особено кај Македонците,
- ја ослабеа Отворено-Балканската линија во ДУИ и, со тоа...
- ќе се рефлектираат како врз политиката на Владата, така и врз перформансите на институциите. Сите, а особено правосудните.
Се надевам дека по консултациите во Стопанската комора, Ковачевски минатите недели се усогласувал со Мицкоски само за пребродување на енергетската криза. Во спротивно, 2020 ќе се повтори и во 2023/4.