НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: "Back to the Future" („Враќање во иднината“): 1992 (1)

10 март 2023·Ивон Величковски
Економско-политичките циклуси вообичаено траат триесетина години. Потоа, зависно од општествената меморија и личната истрајност - се оди напред или се стагнира до нов циклус за нов "поправен".
Бидејќи ја немаме временската машина на Марти (Мајкл Фокс) од филмовите "Враќање во иднината" и не можеме да го смениме минатото, потребно е да си направиме пресек на досегашните предности и слабости, по кој ќе:
- прифатиме обврски и одговорност за (не)стореното,
- се откажеме од самосожалување и,
- утврдиме правец на оваа (политичка) генерација за да има(ме) одржлива држава и за следните.
А. Пресек на слабости 1992-2023:
1. Македонија целно се деиндустријализираше и последично се испразни. Економијата втемелена само на услуги и трговија, градежништво и "медицинска марихуана"... за формализирање на парите исцедени од буџетот... е само статистика, а не основа за стандард на луѓето и развој на заедницата.
2. Партиите станаа само носители на печати и на функционери кои пополнуваат канцеларии.
3. Образованието само движи генерации од градинка кон иселеничка виза.
4. Медиумите останаа "декоративни" и недостапни за информации и решенија за запирање на падот.
5. Финансискиот систем ни е фиктивен: поставен во функција на "елитите" кои не ни одржаа, а не пак да воведат нови производни гранки и технологии.
Матрицата изградена на овие слабости не воведе во опасноста Поранешната југословенска Република Македонија да (о)стане обична (празна) територија.
Б. Пресек на предности 1992-2023:
1. Триесетина години независност и четириесетина години претходно елементи на сувереност историски е доволно време за заокружување на почетен период на државност.
2. Идентификацијата на слабостите е половина пат кон санација и потоа кон надминување на проблеми.
3. Решените спорови и безбедносната интегрираност на државата (и на Македонците и на сите во неа воопшто) за прв пат во историјата не не' оставаат во пресекот на множествата на мултиполарниот свет, туку во множество во кое припаѓаме по свој избор и традиција.
4. Транзицијата на државниот систем донесе лични трауми на нашата генерација, но тие за следните од историска дистанца сепак ќе биде - поука.
5. Модерните Македонци и воопшто нацијата се ослободени и од романтичната идила "Некој друг и праведен ќе мисли за нас" и од дефетистичката максима "Не не' бива сами".
Предностите ни отвораат можност во Северна Македонија да изградиме функционален систем на основа на одржливост. И со многу работа.
Фактички, откако се потроши инерцијата на ПЈРМ, историскиот циклус не враќа на нов почеток.
Во 1991-92 таа политичка генерација неволно мораше да се помири и јавно да (си) признае дека Југославија не постои.
Со ваквиот пресек политичката генерација и дипломатската постава во Скопје 2023-24 мора да се помири и јавно да (си) признае дека не постои ни југословенска Македонија.
Се дотогаш ниту сега понудените квази-теми од политичарите и медиумите ќе допираат до гласачите, ниту пораките на амбасадорите ќе допираат до граѓаните .
Тоа е патот до изборната катарза за која сите се подготвуваат и во 2023. И, наспроти проекцијата дека се проектира во парламентарните - уште толку и повеќе - зависи од претседателските избори 2024.