Величковски Frontline.mk: Зошто Северна Македонија не е дел од воената соработка меѓу Албанија, Косово и Хрватска?
7 април 2025·Ивон Величковски

...Една опција е да не сме потписници на Меморандумот за воена соработка меѓу Хрватска, Косово и Албанија по избор на Скопје.
Тогаш Владата е целосно недоследна кон стратешката национална цел: да работиме на сопствениот одбранбен капацитет вклучително низ вмрежување со сојузниците, како членка на Алијансата.
Ако, пак, Скопје не сакало да е дел од воено-техничка соработка со Приштина, тогаш значи дека оваа Влада фактички не го признава Косово и покрај „срдечните“ односи на ВЛЕН и Мицкоски со Владата (на Курти) во Приштина.
Конечно, со оглед на (очекувано) негативните реакции на Вучиќ во однос на Меморандумот, излегува дека Владата на Мицкоски-Меџити-Димитриевски – со неучеството во Меморандумот – практично изградило позиција по волја на српското државно раководство спротивна на своите национални интереси и интересите на сојузниците, а одбранбено му ја ставило Северна Македонија на испомош на „српскиот свет“.
Втората опција е да не сме поканети да го потпишеме Меморандумот, поради недоверба од Загреб, Приштина и Тирана, поради недоверба од Вашингтон и Брисел (како седиште на НАТО) или поради недоверба на сите наведени центри. Имено, овој Меморандум и соработката што тој треба да ја официјализира не е без знаење и/или согласност од Вашингтон (и Брисел).
Тоа е еднакво поразително, бидејќи таквиот став би значел дека на (Владата на) Северна Македонија не се гледа како на доверлив партнер за воена, но и воено-техничка соработка во рамките на Алијансата.
За илустрација колку моменталната надворешна и одбранбена политика на РСМ отстапува од досегашната европска и евроатланска ориентација, доволно е само да се потсетиме дека во министерскиот мандат на Бујар Османи, пред две години по наша владина иницијатива е формирана QUAD, квадрилатералата што ги обедини Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово како земји со стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ – а денес, во министерскиот мандат на Муцунски и Мисајловски – Северна Македонија ниту е посветена на веќе започнатите надворешно-политички иницијативи на кои е потписник – ниту пристапува кон дополнителни регионални иницијативи од одбранбено значење за нашата земја.
Потсетувам дека Меморандумот за воено-техничка соработка подразбира особено образовна и техничка соработка како на ниво na вооружени сили, така и на ниво на т.н. „наменска“ (воена) индустрија.
Еден ваков меморандум за Северна Македонија е можност за заеднички настап во изградба на свои капацитети за вооружување, но и при набавка на оружје за потребите на својата одбрана по пониски цени.
За илустрација: Косово во соработка со Турција цели на производство на дронови, Албанија на пазарот веќе исфрли свое оклопно возило за транспорт на армиски персонал. Хрватска својата наменска индустрија се обидува да ја развие од првите моменти на независноста. Северна Македонија има интерес и можност да учествува макар со една навртка во овие финални производи, да не зборуваме за можностите на „МЗТ“, „Еурокомпозит“, „Сувенир“, „Руен“ да учествуваат во производство по НАТО стандарди.
Незаинтересираноста на Скопје да се вклучи во овој индустриски сектор низ Меморандумот, оттука, може да значи дека Владата на Северна Македонија штити нечија наменска индустрија (вон НАТО)? Меморандумот значи и можност за заедничко барање понуди за сопствено вооружување.
Ова е сет прашања за Мисајловски, Мицкоски и Силјановска-Давкова, но и за Шеќеринска.
Во обете варијанти, позицијата на Скопје или односот кон нас е знак на недоследност на нашата Влада во евро-атланската припадност на Северна Македонија – не само во Загреб, Приштина и Тирана, туку од Рига до Вашингтон и од Мадрид до Анкара. Со сите последици по нашата националната одбрана, економија и безбедност.
Таквата недоверба кон Северна Македонија во овој домен значи дека Владата на Мицкоски и Меџити прифатила Скопје да биде воено-политички „јужен транзит“ на „српскиот свет“ од Бањалука преку Белград кон Егејското Море, а односно сообразена со интересите на Србија води одбранбена политика спротивна на националните интереси на Северна Македонија, која не е ниту суверена ниту сојузничка.
Умесно би било да чуеме и став на западните дипломати за фактот што на оваа одбранбена политика на Владата до сега се спротивставени само Движењето за нова република и Демократската унија за интеграција. Односно кој е нивниот став за консензусот меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ВЛЕН за несувереноста на Скопје кон Белград и Бањалука што и фактички ја воведува земјата во проектираниот „српски свет“ – овој пат во одбранбениот домен.
Текстот може да го проследите и на линкот во прилог
https://frontline.mk/2025/04/07/zoshto-makedoni-a-ne-e-del-od-voenata-sorabotka-me-u-kosovo-albani-a-i-hrvatska/?fbclid=IwdGRjcAMmVdBjbGNrAyZVJmV4dG4DYWVtAjExAAEeupB3sGDVAe6fFRFaYsEXOKqNTDOKjqfht7jR9kTxcFC_75qFdwx5w_84BS4_aem_WR2oJBJwVYmLxGhTSZSCcg