НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

25 години подоцна: Имаме постојана потреба од ветинг во медиумите. Ама и повторна потреба од Министерство за информации?!

11 февруари 2023·Ивон Величковски
Владата 1998-2000 во својот состав имаше Министерство за информации, а по 2000 Агенција за информации - како орган на државната управа што акредитираше медиуми и нивни новинари. Денес областа по автоматизам областа ја покрива Владата.
Саморегулацијата преку Здружението на новинарите (ЗНМ), Советот за етика во медиумите (СЕМ) и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) овозможи правата на слободно информирање и од работен однос да бидат остварувани низ призма на медиумите.
Но зоната на медиумска концентрација со потенцијално тргување со влијание и на формирање медиуми (портали) со непозната редакција, финансирање и сопственост - остана "сива".
Во ера на интернетот како доминантен извор на информации, "сивата инфо зона" станува извор на полуинформации и целни дезинформации.
Портали со непозната сопственичка и редакциска структура, со македонски или странски домени, вмрежени меѓу себе и со бот-фарми лиферуваат "вести" и 'научни вистини" кои потоа ги преплавуваат социјалните мрежи.
Се со цел да се поттикне анти-политика и вредносен нихилизам за подривање на општествените вредности и принципи, но и избраните државни правци и приоритети.
"Вестите и вистините" на оваа "сива инфо зона" користени од вмрежени партијаши и "опинионисти" стануваат "доказ" при креирањето ставови на јавното мислење за партиски, но и службењачки цели - прво преку социјалните мрежи и потоа во секојдневната комуникација.
Здодевноста и предвидливоста на:
- традиционалните медиуми создадени од и за приватизационите тајкуни и нивните партии,
- "бардовите" кои децениски кохабитираат со секоја власт се додека не им се чепкаат интересите,
- практично невидливиот национален јавен сервис и
- финансиски потценетото новинарство кое само информира copy/paste за светот на Отворен Балкан...
...ја хранат "сивата инфо зона" како бунтовно-атрактивен одговор на гореспоменатите.
"Ќе те спружам на насловна" новинарството од инструмент на партиите прерасна во средство за лични (финансиски) цели.
Вака мотивиран и оправдан од лажните вести на "сивата инфо зона", говорот на омраза цвета на социјалните мрежи и се прелева во реалноста.
Несанкциониран - на крајот станува правило во секојдневието што секоја власт до сега го смета за контролабилен, а секоја опозиција за употреблив.
Суштинска владина реконструкција ќе се посветеше и на ова прашање, наместо да се занимава само со обично префрлање ресори во партиско "владение".
А со него институциите ќе мора да се занимаваат и сега и во иднина, за да се овозможи пристап до информација, а не до индоктринација - во соработка со новинарската фела и медиумите.
Денес да се започне со третман на областа, ефектите ќе се почувствуваат за една година. Но и тоа е подобро отколку и натаму да се игнорира проблемот.