8 Септември 1991: Миг во историјата за нов живот на нацијата. Во нова република што ни расте пред очите, толку добра колку што (ќе) ја правиме.
7 септември 2022·Ивон Величковски

„Еретичка“ и застрашувачка за (наследниците на) системските Македонци, кои од 1991 "градат држава", а сега "плачат" оти направиле "едно ништо".Но тие не жалат за последиците, туку бидејќи се исфрлени од игра. Жалат што не можат повеќе да ја затворат економијата и финансииите за да останат "главни", што нема што повеќе да потонат во образованието за да останат кадровици на нивните духовни и биолошки чеда, што нема што да дојадат во здравствениот и пензискиот фонд за да купуваат социјален мир со наши пари.
Нам Македонија ни е цел, ним последица.
Нам рамноправноста на граѓаните ни е потреба, ним пазар за супремациска дарежливост.
Нам ЕУ и НАТО ни се блиско семејство, ним туѓинци.
Да, 31 година по независноста, ние сме поделена нација.
Но најмалку по етнос, вера, идеологија. Овие поделби се само покритие на југомакедонистичката олигархија и нејзините парто-медиумски и финансиско-академски одработувачи: со плата во Скопје, срце во Белград, дух во Москва, а по кеш во Брисел и Вашингтон.
Напротив, нацијата е поделена меѓу носителите на монополот врз ресурсите за спречување на социјалната мобилност против сите нас, спречените.
Оттука, поделбата е болна, но парадоскално корисна.
Таа ги дефинира носителите на мнозинскиот процес за европска и евро-атланска Македонија на своите граѓани наспроти грлатиот но опаѓачки правец за Македонија држена во прегратката на олигархијата на "рускиот" низ "српскиот свет".
Референдумот 1991 успеа затоа што беше со јасна, надпартиска, национална цел. Партиите само го пренесуваа интересот на граѓаните и низ институциите ја преточија народната волја.
Рефендумите од 2005, 2018 и овој најавениот, пак, остануваа(т) осудени на неуспех бидејќи се дизајнирани само да ослободат политичари од одговорност.
31 година е доволно за зрел и правилен избор на перспективи за својот народ и својата нација. Покрај НАТО и ЕУ, приоритетите за нацијата се борба со корупцијата, обновата на институциите и реиндустријализација на земјата.
Да, во 31 година по нешто е направено: падна "моралната вертикала" на југо-граѓанистите, старо-синдикалците, Це-Кашите и вечно-коморските функционери и академици.
Но останува уште повеќе: градењето економски и образовно компететивна, активна нација на рамноправни во пристап до можностите и еднакви пред законот.
На Македонци, како и Албанци и Турци, Бошњаци, Роми, Власи, Срби... и Бугари, Црногорци, Хрвати..., политички претставени, економски и образовно подготвени.
Во европска и евро-атланска, а не во отворено-балканска држава.
По фактичкото помирување со "Рамковна" и "Северна", јужно-бановинските елити ќе се помират и со "Рамноправна" Македонија.
Како што стануваме лојални кон идеалот на својата држава и своите народи во младата нација – и соседите и пријателите се се посолидарни со нас.
Да сториме се до 32-та годишнина од независноста да стигнеме со што помалку премрежја.
Но и солидарно да понесеме мал дел од товарот, додека за нашата и слободата на цела Европа се водат битки на илјада километри од нас.
Честит 8 Септември!