НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

8 Септември 2021: Дали е доволно триесет години премолчување?

7 септември 2021·admin
8 Септември 2021: Дали е доволно триесет години премолчување?
Време за „еретизам“: за нова Македонија, нова економија, финансии, здравство, образование, политика и општество. Особено на несистемските Македонци ослободени во „ресетирана“ (северномакедонска) нација на еднакви граѓани.
30 години е јубилеј за прослава.
Формално на независноста, на можноста за избор на перспективи во интерес на својот народ и својата нација.
А фактички на зреење на судирот на граѓанското општество со (пост)југословенските тајкуни и нивната скопска администрација и партии, преоблечени во подизведувачи на старобелградското „претприемништво“.
Притоа, граѓанско општество не е некаква магловита популација олицетворена во старо-синдикатските, Це-Кашките и вечно-коморските кадри, „надобудните“ функционери од крајот на 1980-тите и нивните деца по нво-ата, финансиите, политиката, науката, медиумите – тридецениските грантисти и соговорници на амбасадите, сега расплакани по медиумите оти ја изгубија влијателноста и релевантноста.
Граѓанското општество во Македонија денес се сите оние што го полнат буџетот, а се системски спречени да дојдат до своето без партиско-тајкунско посредство и профитерство: несистемските Македонци, како и Албанци и Турци, Бошњаци, Роми, Власи, Срби... и Бугари, Црногорци, Грци, Хрвати... во Македонија, политички непретставени, економски разоружани, медиумски запоставени, образовно потценети.
Еднакви во маргинализирање и дискриминирање од системот - по пракса или/и по преамбула. Со избор да го полнат буџетот или да се иселат ако не се за ваква „еднаквост“.
Вреди ли да прославуваме?
Парадоксално – да.
Оти во пензија по биологија ги испраќаме остатоците на системот по „ЈУС“, распоредени во тајкунеријата и преку неа во контролата на финансиите, службите, медиумите, партиите.
Но особено затоа што располагаме со доволно генерации свесни дека тие и нивните деца и внуци ќе владејат се додека не бидат поразени дома, деконспирирани во регионот и делетимирани пред сојузниците.
Сакавме ли независност? Да. Има(в)ме ли политичари подготвени за независноста? Не.
Затоа и по 30 години тие ни нудат мини-шенгенска југоносталгија за транзит на корупција и црни пари низ северномакедонските сокаци, покривајќи ја личната несигурност во себе оти знаат дека поинаку нема како да останат „елита“.
Нашиот избор, пак, е изворен, развоен неомакедонизам темелен на личните способности и конкурентноста како на припадниците на македонскиот народ, така и на албанскиот и сите останати во (ерес!) северномакедонската нација.
Ние сме за европска, натовска Македонија, а нивната потреба е (парафразирано) Македонија - блискоисточна покраина во поддринскиот Ориент.
Оваа јасна поделеност досега беше прикривана со мотивирање судир по етнос и вера, во изведба на партиите-должници на југомакедонистичките служби, ориентирани по плата во Скопје, по срце во Белград, по кеш во Вашингтон, по дух во Москва.
Постојаното мултиплицирање на содржината ја банализираше суштината и ја разголи основата на нашиот тридецениски „лет во место“ – борбата на елитата за контрола на ресурсите, парите, јавниот буџет. Етнички различна, целно едногласна во одржување на корумпираниот систем.
Елита на системски Македонци и немакедонци распоредени низ институциите, партиите и медиумите што е комотна само додека несигурноста во себе може да ја проектира врз несистемските Македонци и немакедонци како колективна свест.
Елита за која „хероизам“ е да го симне бугарското знаме од конзулат во Македонија, додека Македонците ги упатува на иселување со бугарски пасош.
Елита за која "патриотизам" е службењачките криминалци да ги награди со северномакедонски дипломатски пасош, додека за системското безредие и корупција ги обвинува „Шиптарите“.
Елита што Македонија нема проблем да ја направи Северна по Устав, се додека е јужно-бановинска по менталитет за да остане дезориентирана во време и простор.
Бидејќи ова е сфатено од несистемските Македонци и целата нација, време е јавно да кажеме: ние коишто живееме од својата работа, производство или услуги сме во судир со нив, цицачите на странските грантови и домашните (јавни) буџети.
Оттука и се потсмеваме на паниката партиските раководства затворени во своите канцеларии и кругови низ медиумите и социјалните мрежи, додека се трудат да си ја одржат клиентелата.
Во нив и нивните тајкуни-сопственици ја препознаваме супремацијата на системските над несистемските Македонци.
И токму затоа, за промена, по 30 години ние Македонците ја одбиваме нивната супремација и над нас и над немакедонците – и бараме еднаквост за ред, поредок, правда и владеење на правото.
Секако не од затекнатите проекти - системски и „протестни“ партии во Собранието, каде опозицијата е малцински акционер во власта, а власта надзор над опозициското противење „по дифолт“. Оттука,
Едноставна е пораката до „странците“
Со донациско-грантовско-кредитно одржување на ваквиот статус кво - Македонија ќе биде се подалеку од ЕУ и само формално во НАТО.
Нашите елити живеат лагодно со парите од вашите даночни обврзници. Нашите даноци одамна ги изедоа. А штом им го секнете изворот, преживувањето и лагодноста ќе го бараат во други "стратешки партнери". (Ние) Македонците веќе с(м)е предадени од нив. Вие сте на ред.
Не ја попречувајте пресметката со системската корупција во сите мандати од 1990 до сега, колку тоа и да биде непријатно за вас. Со сите што (до)сега се со "главата во песок" за одговорност, но со "рацете во медот" од корупција низ буџетот. И за оние кои овде беа само послушници, а не и политичари и функционери лојални кон правото, нацијата и своите сојузници.
И како Македонци и како нација созреваме, па признаваме: Штом станеме лојални кон идеалот на својата држава, кон своите народи во младата нација – и соседите и пријателите ќе бидат солидарни со нас.
Да славиме, бидејќи полит-економско-социјалната гангрена веќе се движи кон ампутација на скапаното политичко и финансиско ткиво.
Северна Натовска ја чисти Социјалистичка југословенска Македонија. Расчистувањето со заблудите е најтешко, а 30 години во историјата е само миг.
Честит 8 Септември!