Црна Гора затвора 3 преговарачки поглавја, Северна Македонија добива нова „Спаска Митрова“... или „Никола Груевски“?

Пред да навлеземе во толкувањата дали на Михаилова и е спречена здравствена заштита или го избегнува судскиот процес, да се потсетиме на два факти:
1. Дека нејзин преглед под надзор во здравствените институции во Скопје или во Софија беше расположливо решение подобро и за неа и за државата која денес е „изненадена“ и
2. Дека правна заштита вклучително азил во странство користат и „покрупни ѕверки“.
Грција е домаќин на Горан Грујевски, поранешен началник на петтата управа на УБК (поранешна АНБ). Тој таму има политички азил откако пристига со пасош на туѓо име. Да се потсетиме и дека не бил запрен од нашата туку од грчката полиција.
Унгарија е домаќин на Никола Груевски, поранешен премиер. Тој таму исто така има политички азил. Како и во случајот со Михаилова - до ден денес не знаеме како ја напуштил земјата.
Кога ќе се споредат овие случаи, за контролата на границите практично и не можеме да зборуваме.
Впрочем низ нашата граница минаа над 50 тони марихуана и за тој случај имаме само еден обвинет и осуден. Небаре сам ги товарел и возел.
До сега нема ниту едно испорачување на обвинетите во Северна Македонија од земјите-членки на ЕУ, било од Унгарија или од Грција. Но денес прашањето е дали Северна Македонија воопшто и ги бара назад?
Прашањето што последично се јавува е - дали по средбата на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија - заминувањето на Михаилова всушност е „згодното“ решение за двете влади, а особено за македонската? Впрочем, согласно двојното државјанство - таа нема потреба од азил.
И штом ова вака се постави - двата денешни наслови се сосем илустративни: Црна Гора затвора преговарачки поглавја со ЕУ, Северна Македонија не може да ги контролира ниту своите граници, а не пак да биде надворешна граница на ЕУ.
П.С. За случајот со Митрова деталите се достапни на интернет-пребарувачите.