Величковски: Денот на знамето, Елгиновите мермери, АВНОЈ и Македонците
29 ноември 2023·Ивон Величковски

1. Парафразирано прашање од инбокс: "Зошто ние Македонците да им го честитаме Денот на знамето на Албанците?"
Бидејќи Албанците на 28 Ноември 1912 го подигнале своето знаме во слободна и независна држава. По сите предизвици со векови пред тоа во Османлиската империја.
Како пред нив Грците, Србите, Бугарите.
Како што тоа ние го направивме на 8 Септември 1991.
Накусо, бидејќи слободарските народи и слободните умови се радуваат на слободата - на својата и на сите.
Како Денот на знамето или на абецедата им е празник на сите Албанци? Едноставно - како што Илинден и Денот на независноста се празници за сите Македонци каде и да сме.
2. Дали како Македонци ни прилега "ситење" бидејќи Британците не им ги враќаат "Елгиновите мермери" назад на Грците?
Ситењето на Живаљевиќ-вмровците е разбирливо: обична проекција во низа на "Македонче" задоволно се додека "козата на комшијата му е цркната".
Македонецот и државникот размислува поинаку: Да учиме од спорот и да се подготвиме за вакви теми.
За Елгиновите мермери се знае дека се во лондонски музеј, но на бројни шверцувани и препродавани артефакти, икони и слично од Северна Македонија "трагата им се губи" најчесто во странски приватни колекции.
Грците ги бараат своите артефакти. Македончињата им се потсмеваат.
Македонците прашуваат "Ние кога ќе ги лоцираме и побараме назад нашите"?
3. Оние кои со одбивност ги прочитаа претходните редови веќе ги "острат прстите" да залепат традиционални Фејсбук-патетики за АВНОЈ, Југославија и "Неврзаните".
Ние не жалиме по таа држава ниту по нејзиниот дух што ја распарчи во крв.
Си ја гледаме нашата. Далеку од совршена, ама наша.
За нас 29-30 ноември 2023 се денови на самит со кој Скопје е дипломатски центар од Ванкувер до Владивосток. Ништо повеќе и ништо помалку.