Единствено расчистувањето на ова дувло на неказнивост ќе донесе правда за Вања. И за Алмир. И за Мартин.
5 декември 2023·Ивон Величковски

Бидејќи неправдата, злосторот и корупцијата одат рака под рака, од врвот до секој од нас. Додека не се спротивставиме.
Ќе речете: Што има врска американската црна листа со злосторот над овие деца?
За југо-советските тајкуни да се преоблечат од униформи во костуми на бизнисмени и политичари, имаа потреба да не напикаат во сиромаштија, зависност од нивните банки и фирми и да не упатат да "си ги вадиме очите". По цена на децата. Под контрола на ликови со криминални досиеја.
За да претстават дека тоа е "новото време", мораше да ги кршат моралните норми - лични, семејни, општествени.
За тоа мораше:
1. Да испливаат сите шлајмови на општеството во политиката и економијата;
2. Да уништат и образование и здравство;
3. Преку свои "медиуми" и " инфлуенсери" ова да ни го претстават како непроменлива "нормалност".
За да ни ги "остават" обложувалниците нам, а да си го зграпчат буџетот за нив. За да се "пазиме" од насилници под заштита на "Службата", на кои им е овозможено да бидат и вулгарни ексцентрици по медиуми и антички Југословени и антиваксери и угледни бизнисмени и високи политичари - оти Законот не важи за нив.
Затоа сите тие чекајќи на покана од Американската амбасада за 4 Јули - тивко ги поддржуваа сите ликови кои со "Вергина" во позадина и "Вегета" со раката сакаа да спроведуваат "бел терор", насилство за "страв во коски" над Македонците и воопшто граѓаните на Северна Македонија.
И затоа исти сегашни и екс политичари и функционери - сега се "згрозени" од убиството на Вања. Како пред тоа од убиството на Алмир, на Мартин...
Исто и перманентно незаинтересирани како постапуваат органите на правдата, надевајќи се дека за три дена се ќе се заборави - како и се до сега.
За "нивните" да продолжат да бидат "Американци" по приеми, "Руси" по зделки и Југословени по дома.
Е па, гледате, не може. Доста беа 30 години.
Колку побрзо тоа го сфатат по канцелариите низ "партиите" и "медиумите", толку поуспешен ќе биде 8 мај 2024.
И дозволете за крај една молба: Додека бараме казна за злосторниците врз Вања, да обесхрабруваме "пикантерии".
Особено во име на нејзината сестра. Да ја заштитиме барем неа од нечовечноста, кога веќе е лишена од сестра и од безгрижно детство.