Паралелната „бура во јавноста“ од исклучувањето на српскиот динар од платниот промет на Косово и "Северна" во документите на македонските граѓани - не е коинциденција
14 февруари 2024·Ивон Величковски

Напротив, таа е предвидливо запаѓање во своевидната „специјална когнитивна операција“ што преку кремлинската „дипломатија“, пан-славизмот низ РПЦ и нејзините проксија во живаљевиќ-медиумите, црквата и „јавноста“ низ социјалните мрежи се спроведува со години во Северна Македонија.
1. Операцијата значи постојано наметнување незадоволство од „државата“ - како што таа се приближуваше кон НАТО се до извесноста на отворањето преговори со ЕУ низ спроведување на „францускиот предлог“.
Пред да биде членка во НАТО - за да се каже НАТО не сака да ни помогне и да не интегрира. Откако сме членка на НАТО - за да се тврди „име дадовме, а фајде не видовме“.
По таа логика, до 2016 операцијата значеше држење на Македонците и Албанците во позиција на латентен судир што со „Диво насеље“ требаше да еруптира. Во 2023 ерупцијата требаше да биде производ на убиството на Вања и Панче пред почетокот на Конференцијата на ОБСЕ.
Традиционално, пред избори треба да следуваат предвидливи операции: "меѓуетнички тепачки во 57-ца“, „задевање македонски девојчиња од "шиптарите" пред "Силбо“. Куманово е на располагање за дизајнирање на „македонска Косовска Митровица“.
Обидот да се произведат автобуски тепачки започна, но освен објавата по социјални мрежи - за еден ден темата запре.
Можеби затоа што МВР раководено од ВМРО-ДПМНЕ сега треба да одговори на две прашања: кои се сторителите или кои се креаторите на лажните вести? И ако одговара на второто прашање, дали центарот што ги инспирирал е ист со креаторот на веста што требаше да предизивика паника во Скопје, дека 700.000 жители ќе останат без вода поради „зафат во Рашче“?
2. Интересно, наместо разбирање на процесот на воведувањето на еврото како национална валута на Косово, во Скопје доминираа анализите дека процесот е преран. Велам интересно, затоа што и Скопје и Белград и Приштина и Тирана... знаат дека движењето на српскиот динар во кеш во северниот дел од Косово само го продолжува статусот на Duty free зона за мафиите од Северна Македонија, Србија, Косово, Бих, Албанија... како безбедносна закана и за Србите и Албанците од Косово и за секоја од земјите-соседи на Косово и за регионот.
Во истиот период, „јавноста“ во Скопје бара начин како да го одложи донесувањето на законските измени за примена на рестриктивните мерки врз граѓани на Северна Македонија ставени на американската и британската „црна листа“ - поради корупција, злоупотреба на јавни финансии и функции и, со тоа, поради закана по мирот и безбедноста нац земјата и регионот.
Истата „јавност“ што се прави дека Палевски и е непознат и сега го третира како ланска вест.
Накусо - толку од „коинциденцијата“.
3. Слушнавме многу објаснувања зошто сега настана застојот со документите што 5 години наназад сите знаеме дека треба да ги промениме.
И сите се точни: лошо е планирано, короната го попречи доставувањето образци, МВР издаваше стари образци иако договорот веќе беше стапен на сила, немаше кампања за промена на документите...
За една работа никој не сака да одговори: зошто ВМРО-ДПМНЕ и нејзините партнери упорно ја тераа кампањата „Никогаш Северна“, нејзините поддржувачи и опинионисти по социјални мрежи велеа „не земам нови документи со Северна“ - а сега сите бараат начин како да ја префрлат одговорноста на туѓа адреса и да дојдат побрзо до документ со „РСМ“?
А одговорот е едноставен: затоа што тоа е скапата цена на евтините политички поени.