НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски за ставањето на Стевчо Јакимовски и Катица Јанева на американската „црна листа“: Премолчано упатство за партиите и нивните олигархиски сопственици во 5 точки

18 март 2024·Ивон Величковски
1. Декорумпирањето, дејугословенизацијата и декомунистикацијата на македонското општествено и парто-политичко живеење не е временски ограничен, туку безбедносен процес за искоренување на партискиот, медиумскиот, правниот, економскиот и финансискиот поредок на југо-советските тајкуни во Поранешната југословенска република Македонија.
2. За инсталациите на олигархијата и нејзината корупциска шема на владеење нема криење во кандидатурите за изборите 2024. Тие се носители на анти-европскиот и анти-евроатланскиот дух во земјата распоредени во групации во секоја од „големите“ партии и надпартиската коалиција на овие групации е закана по безбедноста и просперитетот на нацијата.
3. Корумпираните кои ќе се „прошверцуваат“ во институциите по овие избори нема да останат вон „црната листа“, туку со себе ќе ги повлечат партиите преку кои се кандидирале и за време на кампањата и по изборите.
4. Партиските лидери кои меѓу борба и соработка со корупцијата го избрале второто кандидирајќи ги лицата од точка 3 - се соучесници во одржување на корупциската мрежа и, со тоа, на безбедносните закани по сопствената држава.
5. Досегашната практика „Ми помина мандатот, се враќам во бизнисот додека не помине вревата“ – не важи во евроатланска Северна Македонија. Причина: Види точка 1.
Сетете се со каков потсмев беше дочекана информацијата дека Камчев се најде на „црната листа“ пред една година. Па како Камчев ги "повлече" на листата Груевски и Мијалков.
Кнедлата во грлото на олигархијата и нејзините „живаљевиќ-медиуми и инфлуенсери“ се виде кога ја бранеа Јанева и од неа се обидуваа да направат „жртва“, во обид да го бранат Камчев. И да го оправдаат срозувањето на еден од најсериозните проекти за помош на борбата со корупцијата во земјава, СЈО. Па го хвалоспеваа Анѓушев, за и тој потоа да се најде на „црната листа“.
Интересно, тие "живаљевиќи" го фалеа Јакимовски пред секои избори за градоначалник на Карпош, каде ДУП-овите создадоа простор за експанзија на градежните зафати на фирмите чии сопственици се во акционерската и/или во управната структура на „Комерцијална банка“. Која најави преземање на „Стопанска Банка“ АД Битола – на Камчев.
Запрепастувачки ветер во грб за Ковачевски (?!) со Јанева и Јакимовски на „црната листа“
Ако се суди по „киселата“ реакција за новите "црнолисташи" - и орбитерите на Мицкоски сфатија дека Ковачевски има добиено сериозен инструмент во креирањето на партиските листи да го одбие секој непристоен предлог (читај: уцена) на пратеничките листи да вброи кандидат за црната листа.
Затоа што таквите кандидати и оние што ќе му инсистираат да ги кандидира се следните на американскиот список.
Всушност, тоа му е инструментот да примени шок-терапија со која на кандидатските листи ќе излезе со (вон)партиски кандидати со политички авторитет, наместо баратели на пратенички имунитет што изборниот исход ќе го направи далеку од "предвидлив".
Доколку, пак, не ја примени шок-терапијата и не оди со такви кандидати за кои олигархиските претставници и во СДСМ и во ВМРО-ДПМНЕ немаат „решение“, коректно е да му се посоветува уште еднаш да ја прочита точката 5 од "Упатството".