НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Корубин за "Локално.мк": Реорганизацијата на органите на управа е легитимен политички потег, но подложен е на суштинска и структурна критика

10 јуни 2024·Ивон Величковски

- Во однос на формирањето на нови министерства ВМРО-ДПМНЕ беше целосно транспарентна и во самата кампања и пред воопшто кампањата да започне. Нетранспарентни беа медиумите и новинарите, тогашната власт и цела експертска јавност, која во ниту еден момент не ја проблематизираа таа заложба на ВМРО-ДПМНЕ, а ниту пак некој побара дополнително објаснување.

Во таа смисла, овој политички потег е апсолутно легитимен. Ако го третираме како чисто партиски потег и тука има "легитимитет" затоа што брзото и во скратена постапка носење е поврзано со формирањето на коалициона влада, чие формирање е поврзано со скратени рокови. Дали има место за критика? Апсолутно. Ама, суштинска и структурна, а не површна и наменска како што е сега. Кој ќе биде на пример аргументот за критика за формирање на Министерството за европски прашања, и како воопшто до сега можело да нема ваков орган, кога стратешка определба е токму ЕУ? Од друга страна со самите измени, покрај формирањето на нови министерства се укинуваат и одреден број органи (инспекторати), во процес на рационализацијата која во тек. Умешно избалансиран, за партиски и политички потреби, потег. Која е крајната цел, ќе видиме во скора иднина. - ДУИ во целата приказна е опозициона партија, која знае политички умешно да ја факторизира својата поддршка, во која мерка е друго прашање. Партократска "полза" од оваа промена, нема да има ДУИ, туку партиите во идната власт и затоа ним треба да им се адресира прашањето: дали за ВЛЕН и за ЗНАМ е прифатлив овој тип на промена во системски закон и кое е нивното образложение за поддршката? Белким не е само коалициски "пазар", затоа што со сите критики што ги упатија во предизборната кампања треба самите да имаат силни аргументи за секое изјаснување во парламентот и за начинот на носење на истото. Но, сепак најинтересна е позицијата на СДСМ која, според мене апсолутно политички погрешно постапи во целата ситуација и позади површната реторика, не ја понуди својата поддршка и не го искористи моментот за фокусирање на главното прашање: уставните измени. За кои мораа да бидат потсетени идните коалициони партнери, на такво сигурно 2/3 мнозинство. - Опозицијата, како "европски и евроатлантски" ориентирана, многу повеќе требаше да ја загрижи заклетвата на претседателката и прекршувањето на уставот и меѓународните договори, по кои следеа низа критики, предупредувања и потсетувања од сите меѓународни партнери за непочитување на меѓународните договори. Опозицијата треба да ја загрижи компромитирањето на кредибилитетот на државата со најава за натамошно непочитување на суштината на нашиот устав и Преспанскиот договор, под покровителство на ОН, и како стратешки договор со Грција и дел од преговарачката рамка. И така загрижена опозицијата треба да ја користи секоја прилика, да ја потсетува и охрабрува власта која ќе се формира, за обврските на државата, а не на партијата или поединците, и на нејзиниот углед. Во таа смисла какво владеење односно управување со државата ќе имаме, зависи не само од манирите на власта, туку и од капацитетот на општеството и на системот да биде "контролор". А, опозицијата е секако институционален, парламентарен "контролор". Време е конечно, да почне и да се однесува така. Целиот текст може да го проследите на линкот https://lokalno.mk/za-dobroto-na-gragjanite-ili-nov-dil-za-partiski-vojnici-vo-ministerstvata-koja-e-pozadinata-na-podavanjeto-raka-megju-vmro-dpmne-i-dui/?fbclid=IwZXh0bgNhZW0CMTEAAR20xnOqEbSSyU25qXEBGAHzLG8HEqkaIpFvtAG6SNjrg75F6Y3CD73ACJM_aem_5HNFILj1OS9zRtW5dU4n0g