Величковски: Со експозето на мандатарот за формирање Влада на (Република) „Македонија“ или Северна Македонија, ќе се знае дали РСМ ќе оди по европскиот пат или останува „Отворен Балкан“ прокси на Вучиќ
22 мај 2024·Ивон Величковски

Опаѓањето на „меката моќ“ на американската и европската дипломатија е препозната од политичарите во регионот, од БиХ, преку Црна Гора, Србија, Косово, Албанија се до Северна Македонија.
Десниот центар ја гради својата доминација на пркосот кон овие дипломатии веќе втора деценија, користејќи ги нивните 3 основни слабости:
- Обложувањето на ликови - „валутни западњаци“ додека се во опозиција или во "грант-невладината индустрија",
- Зависноста од локалната „јавност“, бизнис-политичко-медиумската олигархија,
- Држењето до застарената претстава за Балканот како ориентална Европа која „автоматски“ ќе биде апсорбирана во ЕУ.
Во такви околности, фондациските „конзервативци“ лесно градат наратив: дома калкулирано шовинистички, надвор пазарџиски.
Левиот центар, пак, е парализиран: враќајќи им ги националните економии во корпоративна сопственост на југо-советските тајкуни – го поразија владеењето на правото со „прогледување низ прсти“ на системската корупција, што по правило се покрива со „ред шовинизам, ред морализирање“. Инсистирањето на поранешниот заменик-помошник за државниот секретар на САД, Ескобар, дека добил „уверувања од повеќе нивоа во владејчката партија дека Северна Македонија ќе продолжи по европскиот пат“, затоа, повеќе е соочување на Стејт Департментот со извесниот предизвик, одошто потпирање на даден збор. Но и најава дека: - Процесите се забрзани во споредба со темпото во минатата деценија, - Изборот меѓу рамковна Северна Македонија во (евро)атланскиот кампус или Дејтонска Република Македонска во „српскиот/рускиот свет“ зависи пред се од – Македонците. Впрочем, потпишувањето/ратификувањето договор е даден збор на една држава. А примената на договорот (Преспанскиот, но и Софискиот и Рамковниот) – е одржување на зборот на државата, кон сопствените граѓани и кон своите партнери. Тука спаѓа и именувањето на сопствената држава според сопствениот Устав. И спроведувањето на секој произлезен документ од договорите, како што е Дополнителниот протокол. И тука играта „добар полицаец - лош полицаец“ што си ја замислиле Силјановска-Давкова и Мицкоски, со или без благослов од Охридската Архиепископија и г.г. Стефан - однапред е прочитана.