НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Корубин за "Локално.мк": Ако не ги почитувате обврските, должите сериозен одговор кон сите, а пред се кон сопствените граѓани, зошто?

27 јуни 2024·Ивон Величковски
Од нас и само од нас, како држава, зависи дали ќе одбереме да ја негираме политичката и било која друга реалност, и да наоѓаме изговори зошто не ги почитуваме превземените обврски, меѓународните договори и меѓународното право; на сопствена штета и на штета на секој еден граѓанин. А, државата е нејзината институционалност (устав, парламент, влада, претседател). Оттаму, логичното и рационално прашање е зошто носителите на политички функции ја негираат политичката реалност и во наше име и на наша штета не ги почитуваат превземните обврски, меѓународните договори и меѓународното право? Приказните “за внатрешна употреба” за “репреговарање на преговарачката рамка” кои немаат никакво правно дејство надвор од наметнатиот јавен дискурс, логично добиваат унисони одговори веќе подолго време од сите засегнати и прозвани од нас страни (ЕУ, САД, Бугарија, Грција). И затоа треба да бидеме коректни во јавниот говор и да се држиме до реалноста, која вели: или ги почитувате превземните обврски или не ги почитувате. Нема средина. А, ако не ги почитувате, должите сериозен одговор кон сите, а пред се кон сопствените граѓани, зошто? А, последиците секако сите заедно (ќе) ги трпиме.   - Фокусот треба да биде на нашата влада и нашата власт, особено на “гарантите” на ЕУ патот, коалицијата ВЛЕН, чиј рок од шест месеци за уставните измени, полека но сигурно истекува. А, ако веќе сме веќе толку заинтересирани за составот на новата бугарска влада, тогаш, полезно е да се потсетиме дека токму Бојко Борисов и ГЕРБ во 2022 година, дадоа поддршка на тогашната влада на Кирил Петков за изгласување на преговарачката рамка во бугарскиот парламент, и отпочнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, од кои произлегува и обврската за промена на Преамбула во нашиот устав и внес на Бугарите кои живеат во Северна Македонија. На страна што намерно се промашува главната поента: од 2022 година, нашата релација за сите обврски од преговарачката рамка е со ЕУ, а не со Бугарија. Што не води до првото прашање, сакаме да живееме во реалноста или не?   - Никој така ефективно не може да застане против нас, како што можеме самите против себе. А, почитувањето на превземните обврски во меѓународното право се третира како дипломатска и политичка зрелост на една држава. Играњето на картата на “жртва” која свесно и со нејасни мотиви и се наметнува и на државата и на граѓаните, само не прави политички и дипломатски незрели. Дали како граѓани и држава сакаме да бидеме третирани, од страна на меѓународната заедница еднакво и со почит, или да бидеме под постојан “мониторинг” кој следен меѓународен договор ќе го проблематизираме? Каков однос ќе покажеме кон другите и кон превземните обврски, таков одговор ќе добиеме. Сакаме конфликти или сакаме интеграција во ЕУ? Тоа е двонасочен однос.   - Како што не постојат брзи решенија, на големи проблеми; така и не постојат доволно големи “паравани” на вистинските намери. Не постојат тие пари кои ќе ги заменат правилата, стандардите и системот, кој Северна Македонија треба да ги изгради преку процесот на зачленување во ЕУ. Затоа што функционалниот европски систем, ја гарантира стабилноста на државата и го зголемува нејзиниот инвестициски потенцијал. Со, други зборови, “милијардите” секако ќе дојдат сами, кога правниот, политичкиот, финансискиот систем ќе биде адаптиран на европските демократски правила и стандарди. Затоа, што стремежот сите овие 30-тина, години на сите граѓани и државата, беше демократска држава, слободен пазар и функционален систем, зарем не?