Величковски по изборот на новата Влада: Политичката коректност не смее да не оддалечи од политичката реалност
24 јуни 2024·Ивон Величковски

Честитките за изборот на новата Влада и премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски се дел од политичката коректност.
Но секој од нас во опозицијата, политичката коректност не смее да го оддалечи од политичката реалност:
1. Новата Влада сепак е само кадровски продукт и програмски следбеник на владите на ВМРО-ДПМНЕ 2006-16;
2. Кокетирањето на ВМРО-ДПМНЕ со "двојна формула за името" е прескапа дневно-партиска замисла што Северна Македонија ќе ја чини уште многу изгубено време и во ЕУ-интеграциите и во реалното партнерство во НАТО и во односите со соседите;
3. Основна цел на трансформацијата на министерствата сепак е само воведувањето Министерство за енергетика. При недостаток на јасни национални стратегии по надлежностите, ова и министерството за транспорт и врски треба да бидат во особен фокус на опозицијата со анти-корупциска определба.
4. "Двојната формула" како владина дипломатска стратегија и секој енергетски и инфраструктурен проект што не ја следи безбедносната компонента на една членка на НАТО има за цел Северна Македонија од енергетска и транспортна раскрсница на 5 соседи да ја сведе на обичен коридор на "српскиот свет" кон Медитеранот;
5. Задолжувањето на земјата под познати услови, а непознати интереси е еднакво опасно како и прекумерното задолжување;
6. Претставувањето на Преговарачката рамка како "диктат" има за цел одложување на интеграциите како припадност, но и компатибилност на нацијата на Северна Македонија со ЕУ. Преговарачката рамка е однос на Скопје со Брисел кој усклади позиции на 27 метрополи, а не (само) со Софија.
7. Нема потреба од претерано потсмевање на Мицкоски за употребата на името на државата. Повеќе треба внимателно да се следи замислата за "дихотомија" по ова прашање меѓу "Илинденска" 2 и Вила "Водно" со цел игра на "добар и лош полицаец" пред западната дипломатија.
8. Консолидацијата на левицата и на националниот граѓанско-либерален центар, затоа е основата на парирањето на политиките на конзервативната влада кои и според самата владина програма нудат скромен економски раст. И, со тоа, нудат одржување на состојбата, а не нејзина суштинска промена.