Корубин за Локално.мк: Реалниот свет функционира на правила, стандарди и договори, а не писма и создавање на лажна перцепција
15 октомври 2024·Ивон Величковски

- За почеток надворешната политика и политиката воопшто треба да биде реална, а не имагинарна, затоа што во реалноста не постои "француски предлог" туку преговарачка рамка; а уште помалку постои опција за "убедување на ЕУ членките" во промена на нивната сопствена усогласена одлука, во однос на условите во преговарачката рамка за Северна Македонија, туку постои опција да ги почитуваме обврските или да не ги почитуваме.
Оттаму "времето" е фактор, само како дилема за што им треба времето што безмилосно го трошат партнерите во власта, со одбивањето да се исполни условот во преговарачката рамка, за почеток на преговорите со ЕУ и ефективната и вистинска реформа на системот, а не онаа декларативната.
Имагинарната паралелна реалност, која се наметнува како наратив, со дискусија за непостоечки теми, медиумски поддржана, по примерот на авторитарните режими од соседството - "едно за домашна јавност, друго за меѓународна јавност и политика"; нема да ја смени реалноста како таква, туку ќе ја усложни уште повеќе реалноста на нашите секојдневни животи. Изборот е наш, сакаме да ги прифаќаме манипулациите и да дискутираме за нив, или сакаме да зборуваме за вистинските, реални теми?
- Берлинскиот процес е всушност економска иницијатива, за приближување и подготовка на преостанатите 6 земји од т.н Западен Балкан за нивното членство во ЕУ. Исто како што економска иницијатива е и Планот за раст на ЕУ, во кој Северна Македонија ќе добие околу 800 милиони евра, во форма на неповратна финансиска помош и заеми, доколку доследно ги спроведува реформите и стратешките проекти.
Еден од тие стратешки проекти е и коридорот 8, кој покрај постоечкиот коридор 10, овозможува стратешко поврзување на Северна Македонија, по сите линии, егзистенцијално битни и за нас, но и за одбраната на НАТО земјите: кој земјата ја прави транспортно, а потоа и енергетски, економски, трговско независна и клучна и за регионот. Зарем ова не е дефиниција на врвен национален приоритет, и идентитетски опстанок (свои на своето)? Во таа насока, можеме да ја толкуваме и вчерашната изјава од Берлинскиот процес и на претседателката Фон дер Лајен и на канцеларот Шолце, дека е неприфатливо меѓусоседско блокирање на стратешки економски проекти.
И ова е реалноста. Дали Северна Македонија, ќе се поврзе со регионот, Европа и светот, или дали ќе остане транспортно, економски, финансиски, култоролошки, цивилизациски изолирана? А, за да не остане изолирана и да биде дел од ЕУ, не помага имагинацијата и манипулацијата, туку реалноста. Реалниот свет функционира на правила, стандарди, договори, обврски и почитување на истите, а не на писма и создавање на лажна перцепција на реалноста за сопствените граѓани.
Евроинтегративниот процес го блокираме самите, на наша штета. И така ќе биде се додека, бираме да говориме и да се занимаваме со имагинарни, а не со реални нешта. Одговорноста е на сите што ја имаат политичката моќ и моќта да влијаат на јавното мислење.
Целокупниот текст е достапен на следниот линк.