НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Шест месеци Влада на ВМРО-ДПМНЕ: Нацијата на Северна Македонија е определена за евроинтеграции, а Владата не ја исполни националната определба

25 декември 2024·Ивон Величковски
Нацијата на Северна Македонија не бара алтернатива за евроинтеграциите.   Закочувањето на евроинтеграциите на Северна Македонија денес низ саботирање на Преговарачката рамка е истото што и обидот земјата да не стане членка на НАТО со проблематизирање на Преспанскиот договор претходно: Тоа се операции од истиот проект за ставање на територијата на Северна Македонија во просторот на „српскиот свет“ како хибридна проекција за руско и кинеско економско, политичко и безбедносно влијание во Северна Македонија и во регионот.   Бидејќи Владата мора да го следи барањето на нацијата за полноправно членство во Европската Унија спротивставено на предизборните реторики – денес Мицкоски и Меџити се во непријатна позиција: за ВМРО-ДПМНЕ прашањето е како да се ослободи од обврските од предизборната нарација за „репреговарање на договореното“, а за VLEN како да се факторизира и да го гарантира интегративниот процес кој и е во министерски ресор.   Владата ниту има ниту ќе има „План Б“: И ВМРО-ДПМНЕ и VLEN сепак знаат дека Преговарачката рамка е јасен и документиран писмен патоказ со кој Северна Македонија го потврдува својот капацитет на владеење на правото како копенхашки критериум - токму спроведувајќи ги своите обврски преземени со институционална одлука.   Исто како што на целата нација и е јасно дека внимателното формулирање на Преговарачката рамка за време на Француското претседателство со ЕУ беше гарантирањето на она што беше дефинирано како „идентитетско прашање“ и од Париз и од Берлин и од Рим... и од Атина и од Софија... преку Брисел. И дека со неа не преговараме со Бугарија или Грција туку со ЕУ.   Затоа и Мицкоски призна дека нема „План Б“ туку „идеи“. Сетете се: ВМРО-ДПМНЕ тргна од „репреговарање на Договорот за добрососедство“, а денес веќе не зборува ниту за „одложена примена“ на уставните измени. Впрочем сите сфатија, особено во Северна Македонија, дека се што ни било потребно – сме го добиле.   За Движењето за нова република Преговарачката рамка е и решение и патоказ и остануваме на ставот дека – рокот за полноправно членство во ЕУ зависи од властите во Северна Македонија.   Попрецизно, со донесени уставни измени до средината на март ние правиме recoupling со Албанија и заедно со неа и со Црна Гора следната декада можеме да ја дочекаме како полноправна членка на ЕУ.   Целта на малигните влијанија од надвор и на малигните политики од внатре е Скопје да чека на Белград и Бањалука на патот кон Брисел – за да биде „монета за поткусурување“. Владата и претседателот на Републиката се на потег – да работат за интересот на нацијата на Северна Македонија и на македонскиот народ во неа – или за „српски свет“.   Рокот за поднесување уставни измени што Движењето за нова република минатата седмица го истакна јавно е 15 јануари 2025.   Процедурата за уставни измени е минимум четириесетина дена и со оптимална агенда веќе во април имаме деблокирани преговори и правиме recoupling со Албанија која веќе го отвори второто поглавје. Црна Гора е понапред, но со доволно напори трите земји заедно ќе може да го завршиме преговарачкиот процес во одржливо кус временски рок – создавајќи бран на проширување кој нема да може запрен во ниту една метропола во ЕУ.   Затоа повикавме опозициските партии и пратеници кои стојат на своите предизборни определби за интеграција на Северна Македонија во ЕУ – да ги поднесат уставните измени на средината на јануари - ако Владата не ги поднесе до тогаш. Од моментот кога предлогот е во Собрание ќе се знае кој за што е – и Владата и секој пратеник.   И ова не е „фрлена ракавица“ туку начин како сите да понесеме дел од товарот и одговорноста. Но и да се вградиме во успехот на нацијата на Северна Македонија.   Друга опција е застојот да предизвика предвремени парламентарни избори, за ново изгубено време во кое партиите ќе бараат начин да „спасат образ“, а всушност само ќе наидат на презир.   Едноставно – изборот е дневна или државничка политика.