НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Корубин за "Локално": Доколку Парламентот ја вршеше суштински функцијата која ја има во системот, Северна Македонија немаше воопшто да биде во вака тешка ситуација

25 март 2025·Ивон Величковски
- Се сомневам дека законодавната власт, донела било каква одлука за себе, туку речиси сум сигурна дека одлуката ја донеле партиите, а ја спровеле претседателот на собранието и координаторите за нефункционирање на законодавната власт цели две недели. Иако, согласно уставот, законодавната власт ја сочинуваа 120 индивидуално пратеници избрани од граѓаните, таа фактички функционира како “партиска испостава”, каде одлуката на партијата го диктира постапувањето на законодавната власт. Партократија - власт на партиите. И на тој начин се обесмислува уставната поставеност и суштинската поделба на властите, каде две од трите власти - извршната и законодавната власт - се директно потчинети на партијата. Пратениците тука ништо не се прашале. Но, сосема друга работа е индивидуалниот молк на пратениците во време на трагедија од вакви размери и целосно отсуство од јавноста. Не смее да постои никаква партиска координација која ќе ја ограничи нивната уставна обврска и елементарна совест и хуманост, за личен став, иницијатива и солидарност во вакви трагични ситуации. И бидејќи луѓето го сочинуваат системот, дали пратениците се свесни за нивната улога во системот, како носители на највисоката, законодавна власт?   - Собранието, доколку си ја вршеше суштински функцијата која ја има во системот и доколку ефективно ја спроведуваше својата уставна поставеност, Македонија нема воопшто да беше во вака тешка ситуација. Тоа што, во моментов собранието ја одигрува улогата, која “заробената држава”, постојано му ја наметнува, на “дежурен виновник” за навлекување на гневот на граѓаните, за било кое прашање, вклучително и вакви сложени и емотивни прашања, каде се третира како репер за неспособност и нефункционалност и свесно и се “одзема”, суштинската и водечка улога која ја имаат пратениците како највисока власт, само не’ води кон сржта на проблемот на нефункционалноста и корумпираноста на системот во сите години од независноста, кои кулминираат со трагедии од ваков размер. Но, како и за било која друга власт и оваа е составена од индивидуалци, кои имаат обврска самостојно, а не по било чиј налог да ја обавуваат својата функција. Па, нели е тоа одговорноста, која граѓаните ја бараат?