НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: Приближувањето на санкциите за НИС ги растрча сите испостави на СНС и СПЦ во Скопје.

9 октомври 2025·Ивон Величковски
Медиумите на Живаљевиќ побрзаа триумфално да го пренесат беседењето на Ѓилас, омилениот опозиционер на Вучиќ, како „ЕУ и го завртела грбот на Македонија“, додека во тек е третото еднонеделно одлагање на санкциите на САД кон „Нафтената индустрија на Србија“ (НИС).   Заборавено е кој ја продаде српската НИС на руски Газпром за 400 милиони евра во 2008. Тоа не беше владата на Вучиќ, туку онаа „либералната“, „граѓанистичката“, „прозападната“ – на Тадиќ, Јовановиќ, Коштуница, Дачиќ... (ДС, ДСС, СПС, ПУПС и нивните ренегати) од каде произлезе и Странката на слободата и правдата на Ѓилас. Владата која еднакво – „не го даваше Косово“, а СПЦ ја одржа како своја водилка во балканската примена на рускиот концепт на единството црква – државата за да му се спротивстави на европскиот концепт на нација – држава.   Партиите кои произлегоа од тогашните коалициони партнери до денес се опозиција која со својата недоследност го легитимира Вучиќ. Последни во низата се либерал-демократите и нивниот Чедомир Јовановиќ, како илустрација за криењето на екс-комуниститите и нивната олигархија во Источна Европа и Балканот во либерализмот и „граѓанизмот“.   Затоа, студентските протести кои прераснаа во граѓански, диференцираат сопствен пристап и најверојатно ќе произведат свои листи – различни од омилените опозиционери на Вучиќ. И претставуваат коска во грлото на власта и нејзината проектирана опозиција. Тоа е причината Вучиќ и неговите опозициски партнери заедно да ги нарекуваат студентите „блокадери“.   Останува прашањето дали протестите ќе се одделат од партиско-црковното единство со СПЦ или и тие ќе бидат ставени во шините на православното единство на црквата и државата кое во Србија е изразено во двоецот Порфириј – Вучик, како во Русија во двоецот Кирил – Путин.   Како што кај нас тоа е изразено во тројството ВМРОСДСМПЦНЕ и упорно е насочено кон уривање на концептот на нацијата на Северна Македонија низ која македонскиот народ ја остварува својата конститутивност и посебност во сопствената држава на основа на рамноправност, еднаквост и – секуларност.   Трансграничната партиска соработка е по истите линии – СДСМ на Филипче и Заев блиска од времето на Црвенковски и Шекеринска со ДС на Тадиќ и неговите ренегати предводени од Ѓилас, ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски блиска со Вучиќ од времето на Груевски, МПЦ на г.г. Стефан подредена на СПЦ на Порфириј – постојано. Интересно, никој од нив близок со Ѓинѓиќ.   Санкциите кон НИС американската администрација ги одложи по трет пат. Забележливо е како санкциите или истиснувањето на Газпром од НИС наближува, така расте нелагодноста и во Белград – и во Скопје. Тоа се гледа низ агресивноста на проруските ботови на социјалните мрежи, но и на оние во Собранието на Северна Македонија – и во мнозинството и во опозицијата. Едноставно е – санкциите за НИС ќе ги осиромашат трансакциите кон носителите на руското преку српското влијание како во Северна Македонија, така и во БиХ, Црна Гора, Косово... И секако, кон нивните медиуми.   Оттука, обидот да се киднапираат студентско-граѓанските протести во Србија во договор меѓу власта и нејзината лојална опозиција е обид за реприза на киднапирањето на „Шарената“ во Северна Македонија во изведба на СДСМ. Но, лекцијата очигледно е научена, па сценариото не е лесно повторливо.   Нервозата расте со порастот на притисокот од ЕУ врз Белград, кој Скопје го чувствува „по службена должност“, како административна и финансиска подружница на Србија, а не како главен град на Северна Македонија. Ако Европскиот Парламент чекаше триесет години да ја посочи потребата од отворање на досиејата на поранешните југословенски служби во Белград и Скопје, сега тоа го стори низ Извештајот за РСМ. Извештаите за 2025 и за Северна Македонија и за Србија следуваат на дневниот ред.   Но на 21 септември, ЕП ја отвори темата на мешање на РПЦ во Молдова, Грузија, Ерменија, Украина и Србија, но и трите ЕУ-членки Бугарија, Романија и Чешка. Ова е најавата дека единството на црквата и државата под покровителство на испоставите на РПЦ е лоцирано безбедносно прашање за Европа и тоа нужно ќе биде адресирано.   Во такви околности, сослужувањето на Петар Каревски со московскиот патријарх не е пркос и духовност, туку изнуденост - да се покаже страната. Синодот е на потег.   Широката коалиција ВМРОСДСМПЦНЕ може да се држи до „паркови и клупи“ до 19 октомври. Веќе до вториот круг на имитацијата на локални избори, широката коалиција што се заговара доаѓа во судир со регионалната констелација.