НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Николовски: Се што зборуваше Мицкоски пред да стане премиер - сега мора да го порекне, вербално и практично

25 октомври 2025·Ивон Величковски
Николовски: Се што зборуваше Мицкоски пред да стане премиер - сега мора да го порекне, вербално и практично
До донесувањето на уставните дополнувања остануваме во место, без оглед на тоа дали претставниците на државите од регионот ќе се сретнат во Лондон, Париз, Берлин... или Скопје, вели Филип Николовски, член на Претседателството на НОВА РЕПУБЛИКА за Локално.мк
„Нашите евроинтеграции се проектирани со Преговарачката рамка. Берлинскиот процес е алатката на ЕУ која го поддржува нашето и регионалното интегрирање во Унијата, со свои финансиски инструменти меѓу другото. Значи ние до донесувањето на уставните дополнувања остануваме во место, без оглед на тоа дали претставниците на државите од регионот ќе се сретнат во Лондон, Париз, Берлин... или Скопје. Преговарачката рамка е нашата дефинирана патека и нејзиното исполнување ќе не води напред.“
Во однос на мигрантското прашање, евентуалната поврзаност со инвестициските договори и кредити, но и молкот на Владата на темата, членот на Претседателството Николовски е прецизен:
„Да ги разграничиме нештата. За ова прашање се разговара со сите земји од регионот. Нелегалната миграција не е ниту нов ниту еднократен процес и со неа ќе треба да се справуваме долгорочно - државно, регионално и континентално. Надворешното задолжување е инструмент кој ако се користи разумно и инвестициски одговорно - може да ја запре деиндустријализацијата на Северна Македонија и да го зголеми животниот стандард. Затоа интересно е што Обединетото Кралство е гарант на кредитите, но тие не се ставени "на рафт" за со нив Владата да се служи по потреба, како што тоа беше случај со унгарските. Значи времето "Ние "А" - странците "На" - заврши.“
За неконзистентноста на партиите по прашањето на надворешното задолжување Филип Николовски кусо илустрира:
„Интересно е како се што зборуваше Мицкоски пред да стане премиер - сега мора да го порекне, вербално и практично. Кога водите политика да им се допаднете на сите - на крајот нема да му се допаѓате никому. Изборните резултати од 2024 и 2025 тоа им го потврдија на сите традиционални партии, без исклучок. Сите кредити не мора да се условени, но секако се поврзани со целите на заемодавачот и потребите на корисникот. До сега кредитите во значаен дел ги земавме за непродуктивни цели, а штетите се генерациски. Доколку станевме членка на ЕУ со Агендата 2000, заедно со Словенија, а пред Бугарија, Романија и Хрватска како што ни беше понудено пред триесетина години - сега немаше да зборуваме на овие теми. Да резимирам: што подолго си ги одлагаме обврските и си ги саботираме ЕУ интеграциите - толку потешки и поскапи ќе ни бидат следните предизвици. Одговорноста за тоа сега ја носи Владата и нејзините партнери во мнозинството и парламентарната "опозиција".