Извештајот на ЕК познат и пред да се објави: Уставните дополнувања - обврска, владеењето на правото "во лер"
5 ноември 2025·Ивон Величковски

Извештајот на ЕК познат и пред да се објави: Уставните дополнувања - обврска, владеењето на правото "во лер"
Брисел и Софија го прифатија барањето на Скопје јасно да се признае дистинкцијата меѓу македонскиот и бугарскиот народ преку „Францускиот предлог“.
Тоа ја произведе Преговарачката рамка со која Брисел (вклучително Софија и Атина) - ги прифати(ја) „црвените линии" на македонскиот народ.
Денес, инсистирајќи на уставните дополнувања, дојдовме во ситуација Брисел да ја брани таа дистинкција, а официјално Скопје во триаголникот „Бела палата“ - „Бихаќка“ - „Илинденска 2“ - да ја саботира...
Ова би личело на шизофреност доколку ја испуштиме од вид постојаната „врска“ политика - (право)судство - олигархија - (организиран) криминал.
Штом се потсетиме на пример на:
- "застарувањето" на кривичните дела со измените во Кривичниот законик во 2023,
- чувањето на новиот Кривичен законик "во фиока" веќе 2 години,
- одбегнувањето на проширената конфискација на нелегален имот и на ветингот,
- запоставениот правен епилог за личната и институционалната одговорност за кочански "Пулс"...
...спротивставувањето на уставните дополнувања станува обичен маневер за спречување на:
- (преговорите за) полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ и
- справувањето со криминалот и корупцијата, особено онаа од "висок профил".
Бидејќи во преговорите прво поглавје е - владеење на правото, нивен прв ефект се:
- зголемување на ефикасноста на институциите и нивната контрола, но и
- трансграничното истражување и процесирање на криминалот и корупцијата.
Доколку југо-скопската олигархија и нејзините партии добиеја гаранции дека со влезот во ЕУ ништо нема да се промени во (право)судството, слободата на претприемништвото и одговорноста кон јавните финансии - Уставот ќе беше дополнет уште во 2023.
Затоа го повторувам повикот до пратениците што се подготвени да се борат против погрешните политики на Владата и нејзините лојалисти во „парламентарната опозиција“: Поднесете ги амандманите на Уставот. За да се види кој е кој и кој за што е.