НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Статуси

Ако Северна Македонија не останеше вон ЕУ поради интересот на олигархијата и нејзините партии, немаше да се скенираме и плаќаме за ETIAS туку ќе минувавме на лентата "EU Passports". Како и патниците и транспортерите од Бугарија, Грција, Романија...

25 јануари 2026·Ивон Величковски
Ако Северна Македонија не останеше вон ЕУ поради интересот на олигархијата и нејзините партии, немаше да се скенираме и плаќаме за ETIAS туку ќе минувавме на лентата "EU Passports". Како и патниците и транспортерите од Бугарија, Грција, Романија...
Оттука, се додека владите на Северна Македонија се водат од „периметарот“ на олигархијата, а не од интересот на нацијата – економските и политичките последици по граѓаните и државата ќе бидат огромни.
ETIAS е е-систем за евиденција на влез и излез од Шенген-зоната, со исти правила за престој на државјани на не-ЕУ земји во Унијата: Престојот во ЕУ ни е ограничен на 90 дена и може да ни се одбие влезот во ЕУ - еднакво како и до сега. Внесување на податоците во системот трае веќе 2 месеци.
Она што властите во Северна Македонија и Стопанската комора не смеат да го кажат е дека лентите на граничните премини за ЕУ-членки си се отворени – но ние не возиме по нив поради политиките и интересите на нашата Влада и нашата олигархија.
И дека затоа секој граѓанин на Северна Македонија ќе плаќа по 20 евра за да биде евидентиран во ETIAS.
Непријатноста за нашите (до)сегашни власти и за вечните комораши се прашањата коишто кон нив што сега неминовно се наметнаа:
  • До кога вака?
  • Зошто со вашите политики не сме на лентата EU Passports, кога тоа ни е од интерес и желба?
  • Зошто да ги штитиме вашите привилегии и неконкурентност останувајќи надвор од заедничкиот пазар и простор на ЕУ?
  • Зошто не ги исполниме обврските што сме ги прифатиле и после 20 години глумење дека сте за интеграција?
  • Која партија/групација ќе ги оствари интересите на македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија штом традиционалните партии на олигаријата тоа не смеат да го направат?
Ниту Владата ниту олигархијата (и нејзините партии и медиуми) не смеат да признаат и дека ЕУ со ETIAS ја евидентира циркулацијата на превозниците кои не се од ЕУ и ќе им оневозможи да се движат временски неограничено од Португалија до Естонија како „нелојална“ конкуренција на домашните – ЕУ-транспортери.
Не затоа што еден возач од Северна Македонија не е добар, туку затоа што Северна Македонија не е членка на ЕУ и не е дел од заедничкиот пазар на добра и услуги, вклучително транспортот. Односно дека тоа ќе може откако Северна Македонија ќе биде дел од ЕУ пазарот.
Поконкретно: возач од Западниот Балкан вози тури до дестинација во ЕУ. Но и низ ЕУ, а за второво не плаќа данок во Унијата. Оттука, со строгото следење на рокот за престој на своја територија, ЕУ си се грижи за конкурентноста и за даночните приходи во сопствениот пазар.
И тоа пак не сведува на одговорноста на Владата и традиционалните партии како сервис на олигархијата – за стореното, но и за нестореното. Во случајов, за кочењето на сопствените преговори на Северна Македонија за ЕУ-членство.
Ако ETIAS е неповолен, „поповолни“ ли би биле визи на возачите на ТИР камионите од Западен Балкан, вклучително за Северна Македонија? Намерно заборавивте што се беше потребно за да извадиме визи пред 20 години? Од М1 образец – безмалку до крвна слика. Со еднаква можност визата да не биде издадена.
Никој не споменува дека и при влез во Турција сите патници се скенираат... и потоа добиваат печат во пасошот, со еднаков застој на премините. Затоа што и Турција и ЕУ прават се да ги држат своите граници безбедни. Спонтано...?!
ЕУ има можност блокадите да ги надмине со бајпас на Западниот Балкан (сосе Северна Македонија) низ коридорот „Карпатија“. Летово видовме дека „Карпатија“ веќе е далеку поупотребувана од „Десетката“, на кој останаа само патниците од централна и јужна Србија, Косово и Северна Македонија. На патот кон Грција и Турција, веќе туристите од Белград и Војводина ја претпочитаа безграничната рута, да не зборуваме за транспортерите и патниците од Централна и Источна Европа и од Турција. Импликациите од заобиколувањето веќе ги чувствуваме иако не ги зборуваме.
Кај нас не се пренесува и информацијата дека само Грција може да стави на располагање меѓу 50 и 60 транспортни бродови за поморски бајпас на блокадата. Зошто истото не би се очекувало од Турција, Италија, Бугарија...?
Затоа Владата на Северна Македонија да не бара извинување за лошите економски перформанси во ETIAS – туку да ги заврши обврските за да ги продолжиме преговорите за полноправно членство во ЕУ. Оти митот дека "ВМРО-ДПМНЕ барем знае економија" веќе е пропаднат.
Кога веќе парламентарната "опозиција" ова не смее да го каже поради обврски и долгови кон власта, олигархијата или обете, ние предупредуваме на време: Со оваа политика само ќе претрпиме штети - и потоа повторно ќе се вратиме на завршување на обврските и продолжување на преговорите.
А функционерите со 2.000 евра плата и олигарсите со нивните милиони во џеб нема да ги чувствуваат штетите. Како и до сега.