НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Колумни

Величковски: „Креативни решенија со Бугарија" 2026 е новата „Двојна формула за името со Грција" 1993

28 јануари 2026·Ивон Величковски
Величковски: „Креативни решенија со Бугарија" 2026 е новата „Двојна формула за името со Грција" 1993
Бидејќи сите знаеме како заврши „двојната формула“, денес прашањето е дали сакаме нови 25 години застој за потоа да го прифатиме она што веќе сме го усвоиле.
1. Најчестите коментари на партиските ставови на НОВА РЕПУБЛИКА се зошто го употребуваме името на нашата држава – Северна Македонија. Бидејќи на партиските ботови од власта и парламентарната „опозиција“ им е јасно дека: - Немаат одговор на ставовите, а - Нивните партии намерно ја пропуштија „Република Македонија (главен град Скопје)“ erga omnes во Букурешт 2008 – но прифатија дека решението ќе биде за севкупна употреба. Затоа СДСМ организираше „консултативен референдум“, а ВМРО-ДПМНЕ сосе Левица – бојкот - да не преземе одговорност туку да се „шлепуваат“ на „народот“. А промената на Уставот со Преспанскиот договор е донесена со гласовите на сите, вклучително ВМРО-ДПМНЕ. Останатите глумат „ни лук јал, ни лук мирисал“.
2. Традиционалните партии во Собранието и од власта и од "опозицијата" знаат дека договорите со Грција и Бугарија заедно со Рамковниот ја потврдија целината на нацијата на Северна Македонија и сувереноста на граѓаните.
Таа нација ни ги штити етничките идентитети на сите и, секако, на Македонците низ сувереност на граѓаните и државотворност на македонскиот и сите народи во Северна Македонија, а не на партиите. Затоа традиционалните партии ја изгубија смислата на се што застапуваа до сега, а им исплива одговорноста за пропуштеното. И се неупотребливи за олигархијата, која преку нив ги одржува своите привилегии и економска неконкурентност, во затворениот пазар на Северна Македонија, Србија и БиХ по инструкции од Белград - и пред и по 1991.
3. Врз основа на целината на трите договори, со ЕУ усогласивме Преговарачка рамка со согласност на сите земји-членки. Со неа условите и стандардите се јасни како за Скопје, така и за Брисел, вклучително Софија и Атина.
Процесот на пристапување го следи и мониторира Брисел како целина во која Скопје ги исполнува сите критериуми, а не одбира што ќе спроведе, а што не. Тој процес е обврска на секој одделно во регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија, Црна Гора. Напредувајќи во преговорите, Албанија и Црна Гора создадоа бран на кој Северна Македонија може да се приклучи штом ги донесе уставните дополнувања. Од тие причини ниту Брисел ниту некоја од соседните метрополи не прифаќа „кавги“ и толкувања од (медиумите на) властите во Скопје ниту бегање на парламентарната „опозиција“ од уставните амандмани.
4. Во обид да ја одржи контролата врз регионалната динамика, Вучиќ по дебаклот со делегацијата од ЕП – вчера од Сараево се обиде да се претстави како „носител“ на ЕУ-интеграциите и на Босна и Херцеговина и на Северна Македонија.
Соочен со политичката нестабилност во Србија, со Албанија врз која не може да влијае без „Отворен Балкан“, Црна Гора која преговара со ЕУ без да се потпира на Србија и Косово кое не е под „санкции“. Оваа изјава на претседателот на Србија бара реакција на Владата на Северна Македонија и министерот за надворешни, со јасен став дека секоја земја од Западен Балкан и конкретно Северна Македонија оди кон ЕУ согласно својата преговарачка рамка.
Молкот ќе значи согласување на Скопје со подреденост на своите со евро-интеграциите на Белград. Притоа, „креативните решенија“, барања за средби на теми кои за Софија и за Брисел се затворени - се само фактичка согласност со подреденоста.
Со посредништво на своите „традиционални“ партнери во Будимпешта и Братислава. Кои гласаа „За“ ETIAS - против кој сега протестираат превозниците од Западниот Балкан, вклучително од Северна Македонија. П.С. Ако превозниците ги блокираат граничните премини кон „Шенген зоната“ – за што ги блокираат премините меѓу земјите од Западниот Балкан? И по чија идеја?