За „украденото да се врати кај народот“, мора да престане блокадата на Новиот Кривичен законик и законите за Проширена конфискација на нелегален имот и Проширен опфат на рестриктивните мерки
3 февруари 2026·Ивон Величковски

До тогаш констатирањето на корупцијата и криминалот ќе остане „омилен спорт“ на прес-центрите на власта, нејзината лојална собраниска „опозиција“ и нивните деривати.
Без трите наведени закони и отворањето на досиејата на соработниците на поранешните служби – Северна Македонија ќе остане на истиот степен на корупција и нефункционалност.
Исто како што со донесувањето и примената на овие закони – самоблокадата на европските интеграции на Северна Македонија „магично“ ќе запре.
Корупцијата и криминалот се покриени со системско отсуство на владеење на правото.
Целта беше и остана заштитените политички и приватизациски ликови и нивната наследна генерација во олигархиски формат (низ бизнисот, коморите, партиите, правосудството, науката, културата и медиумите):
- Да исклучат 99,9% од Македонците и 100% од Албанците од приватизацијата и да го запоседнат и новиот систем (1994-2006);
- Да ги насочат јавните пари кон себе и "своите" низ партизирање на субвенционирањето - државната помош и европските фондови (од 2006 наваму);
- Да се држат над институциите и системот за продолжен монопол над власта (од 1991 до денес).
- се молчи за 3 децении контрадикторности од типот привилегираните да можат да испраќаат човечки мозоци по авионска пратка без процедура,
- означените лица на американската "црна листа" непречено се занимаваат со политика и бизнис,
- дрогата може се движи во и низ земјата со полициска заштита или со „замижување“ на граничните и сообраќајните системи,
- реиндустријализацијата е сведена на научна фантастика, претприемништвото на флоскула, просечната плата на статистика, а минималната плата на социјална помош.