Денаркотизација на Северна Македонија - за декартелизација на политичко Скопје
9 февруари 2026·Ивон Величковски

На територијата на Северна Македонија, пресметката со државно спонзорираното/толерираното производство и шверц со наркотици во ХХ век е драстична во два наврати: 1930-тите и потоа 1960-тите години. Првиот пат прекинат е шверцот на хероинот, а вториот пат се искоренува афионот како суровина на дрогата што под контрола на Белград се дистрибуира глобално. Во обата случаи причина е притисокот на САД.Историско е и искуството дека контролата на производството и шверцот со наркотици е еден од основните извори на "вонбуџетски" средства на службите. Тие служби во спрега со политичките раководства и со тие пари ги градат и покриваат олигархиско-картелските врски како извор на моќта. Ова е кусото објаснување зошто во медиумите на македонски јазик вестите за заплената на 5 тони марихуана во Србија и особено на над 40 тони во Северна Македонија се баш "ударни". Иако ова е историски најголема заплена на количина на марихуана во светот, а количината не е конечна. Затоа што е јасно дека домашните служби не ја водат операцијата ниту во Северна Македонија ниту во Србија, исто како што традиционалните партии во обете земји и од власта и од опозицијата и особено во Северна Македонија - се затечени.
Што значи дека кај нас политичко Скопје ја насети "опасноста" од прекин на политичкиот картел на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и тековно бара начин за санација на штетата.И бегање од одговорноста за тоа дали и како безбедносните органи ги штителе нелегалното производство и шверц на психотропни супстанци низ нивното свесно негледање и несанкционирање. Ова ја потврди констатацијата за која многумина не' осудуваа кога Нова Република констатираше дека падот на Владата на Заев беше безбедносна операција. Истото го очекувам и за оценката дека кадровската внатрепартиска рокада на Мицкоски е дефанзивна операција пред непознаницата на Скопје бидејќи (и) Белград е во магла.
Бидејќи сето ова само го доотвори прашањето колку длабоко и долго ваквиот македонски партиски картел е покровител на производство и шверц на марихуана: во мандат на најмалку двајца министри за внатрешни, двајца директори на АНБ и министри за здравство.Дека станува збор за огромни пари е јасно според: ❗️историската количина на запленета марихуана; ❗️незаинтересираноста и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ (и до и по 2024) да го донесат Законот за регулирање на работењето со криптовалути, и особено ❗️одржувањето на градежниот балон преку кој Македонецот со просечна плата добива доживотен кредит за гарсониера во Скопје, а нарко-мафијата испрани нелегални пари. Но, ако нелегалната марихуана ја наполни Северна Македонија со хациенди и најмногу луксузни возила по глава на жител, а запленетите количини се доволни да го покријат годишниот буџет за одбраната на земјата - колку илјади луѓе се поврзани со овој нелегален бизнис? Голем дел од легалните компании очигледно се само покритие. Понатаму, колкава количина била пласирана со години на нелегалниот пазар? И што се било финансирано со нелегалните приходи? На пример избори, но и нелегални влијанија во Северна Македонија, соседството, пошироко? Ботовите и малигните обиди за промена на изборната волја и кај нас и во соседството се позната тема. Во поширокиот регион последен таков пример беше Молдова, каде и покрај се не беше инсталирано проруско раководство.
Во таа смисла, етапите Рушење на "венецуелската врска" на Балканот и Истиснување на Русија од "НИС" - сосем го објаснуваат тајмингот на заплената на историската количина марихуана во Србија и пред се во Северна Македонија.Ако временската близина на заплената со априлските избори во Унгарија звучи прешпекулативно... останува факт дека барањето "идентитетски гаранции" за уставните амандмани е само покритие за спречување на преговорите со ЕУ. Затоа што владеењето на правото е првото поглавје со кое ги започнуваме преговорите. А земја во која владее партиски картел вмрежен со нарко-мафијата не е земја во која владее правото. П.С. Сетете се колку медиумите пред неколку години известуваа за уништувањето на површини со насадена марихуана во Лазарат. Албанија за пар години е во ЕУ. И споредете колку денес истите медиуми молчат за скопските, струмичките и другите лиценцирани и нелиценцирани "лазарати".