НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Реиндустријализација за безбедност и просперитет на државата Северна Македонија или наркотизација и казина за криминална економија на територијата „југословенска Македонија“

14 февруари 2026·Ивон Величковски
Реиндустријализација за безбедност и просперитет на државата Северна Македонија или наркотизација и казина за криминална економија на територијата „југословенска Македонија“
Производството на марихуана за медицински потреби оваа деценија се развиваше во скоро истите подрачја во кои до средината на 1960-тите се произведува афионот.
Обата природни производи може да бидат репроматеријали за медицинската индустрија. Или опојни дроги. Кога се дроги, нивни количини се движат под контрола на службите, кои ги користат за свое или за финансирање на криминална олигархија под нивна заштита. Се до 1960-тите, кога СРМ под притисок на сојузните власти, а по барање од САД го искоренува афионот – територијата на денешна Северна Македонија e деиндустријализирана и секако една од најсиромашните во обете форми на Југославија. Процесот е паралелен со изразената индустријализација на тогашната ју-република во која земјоделството останува индустриска гранка, но во него нема производството на суровини за опијати. Велешка „Топилница“, земјоделските комбинати во светиниколско и штипско, валандовско, гевгелиско и струмичко (кои го одржаа производството на храна исто како и винарството и земјоделството во Тиквешијата...) – апсорбираа работна сила која го напушти афионот, а покрај земјоделството, трговијата, администрацијата... работеше и во текстилот. Тоа е и најреформскиот период во социјалистичка Македонија, кој ги создаде МАНУ, УКИМ, ТВ Скопје, основата за економскиот и културниот процут на Македонците. Во тој период „либералите“ на Крсте Црвенкоски се судрија со Колишевизмот и Ранковиќевизмот, уставно ги гарантираа колективните права на Албанците (и Турците) и започнаа претпазлив дијалог со бугарските колеги. Тоа прекина со нивното политичко „пензионирање“. Тој период коинцидира со кусата ера на стабилен индустриски раст и осетниот пораст на животниот стандард во СРМ. Затоа на Колишевски денес се повикуваат и не го осудуваат оние кои и тогаш и сега на Северна Македонија гледаат како на територија на спротивставени народи, а не на држава со национален интерес. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во мандатите од 1992 до денес низ приватизацијата, хазардизацијата и марихуанизацијата со закони од нивните влади и парламентарни мнозинства – ги распродадоа фабриките за старо железо, ги отворија кладилниците на секој агол и ја продаваа(т) приказната за производството на марихуана за медицински потреби како индустрија со национален потенцијал. А таа оставена без надзор од здравствените и полициските власти со партиско-олигархиски спонзорирана корупција – од производна, очигледно прерасна во криминална „индустрија“. Исто како што игрите на среќа се „индустрија“ на долгови, уништени луѓе и семејства од наркоманија, хазардерство, алкохолизам, изнуда, проституција... и оди рака под рака со нарко-индустријата под покровителство на (делови) на службите. Затоа земјата што произведуваше од сопствени текстилни брендови („Астибо“, „Тетекс“), преку производи за одбранбената индустрија („МЗТ“, „Еурокомпозит“) до автобуси („САНОС“) – денес произведува доктори на науки со фалц-дипломи, административци вработени преку партија и економска емиграција. И денес не произведува ниту велосипед – ниту запчаник за него. Бидејќи нема ниту кој да го произведе, ниту кој да го дизајнира.
Реиндустријализирана Северна Македонија нема веднаш да стане економска велесила. 
Но ако стане дел од снабдувачките синџири со сопствен удел во финалниот производ на регионалните, континенталните и транс-атланските сојузнички индустрии, има шанса веќе на среден рок да излезе со сопствен конкурентен и квалитетен производ. И да изгради владеење на правото преку институциите кои не се подложни на корупција или управување од корумпирани политичари, но и нов раст на стандардот на граѓаните, особено со одговорно управување со јавните пари. А со тоа станува и побезбедна и отпорна на малигни влијанија за кои влезна врата е корупцијата прекриена со меѓуетнички тензии. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и нивните медиуми и аналитичари се обидуваат да го забошотат запленувањето на педесетина тони (сега за сега) марихуана во Северна Македонија допрво ќе „инспектираат“ како толкава илегална количина се појавила и сакаат да го сведат целото прашање само на транспортот во Србија. Коинциденцијата е преголема: истите партии и медиуми го игнорираат Коридорот 8 (НАТО логистичкиот коридор на источното крило, кој и официјално е вклучен во плановите на НАТО и критичната инфраструктура на состанокот на министрите за одбрана на Алијансата): Бидејќи 8 го прекинува „коридорот“ Струмица - Јовањица. Затоа овие партии и нивните медиуми не се за полноправно членство во ЕУ. И тоа во моментот го прикриваат со одбивање или непостапување по прашањето на уставното дополнување согласно Преговарачката рамка – по која прво преговарачко поглавје е Владеење на правото.
Реиндустријализација доаѓа со денаркотизација и дехазардизација на економијата.
ЕУ-членство доаѓа со деБЈРМ-изација на Северна Македонија . А НАТО сојузништвото со деколишевизација на северномакедонското партиско и политичко дејствување.