НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Претседателство на НоРа: Пред нас е ризикот од стагфлација

24 март 2026·Ивон Величковски

Први потребни владини потези се итна исплата на заостанатиот поврат на ДДВ, достасаните обврски кон граѓаните и компаниите и намалување на акцизата во цената на горивото

Стагфлацијата е поопасна од класичната инфлација – цените растат, економијата стагнира и населението осиромашува: при застаната економија плаќаме повеќе, а добиваме помалку. Да, стагфлацијата е ризик за целиот континент поради растечките цени на енергенсите. Но за Северна Македонија овој ризик е поголем бидејќи кај нас е структурен. Имено, нашата економија е увозно зависна, има ниска индустриска база и слаб раст (на продуктивноста), а падот на невработеноста е само поради иселувањето. Ова не се „пегла“ со оптимистичка статистика и кај нас ги зајакнува т.н. квази стагфлациски услови. Владините политики не се соодветни на предизвикот и во вакви околности ќе останат неефикасни. Имено, Владата не може со рестриктивни мерки (пр. ограничување маржи) да ја намалува инфлацијата додека паралелно го стимулира растот со фискални трошења (пр. пласманот на „унгарскиот“ кредит само го зголеми надворешниот долг). Предвидениот начин на пласман на задолжувањето кон Обединетото Кралство – ќе произведе дополнително влошување. Решението не се ниту краткорочни мерки од типот на субвенции ниту бранење на пазарните позиции на „големите“ и компаниите блиски до власта. НОВА РЕПУБЛИКА повикува на долгорочни мерки за јакнење на националната економија, низ инвестиции во продуктивност и енергетска одржливост (за прифатлива цена на електричната енергија особено во производството). Тоа е потребно за економија што веќе на среден рок ќе биде и ефективна и (извозно) конкурентна – и за време и по изминувањето на (квази)стагфлациските ризици. Први потребни владини потези се намалување на акцизата во цената на горивото, итна исплата на заостанатиот поврат на ДДВ и исплата на останатите достасани обврски кон граѓаните и фирмите (по претходни склучени договори од тендери, субвенции и сл.)

Соопштение од Четвртата седница на Претседателството на НоРа