Величковски: Политиката на Владата „Со САД и ОК за инает на ЕУ“ е веќе видена. И ќе трае до првата посериозна економска криза.
26 март 2026·Ивон Величковски

Одбивноста на Орбанова Будимпешта кон ЕУ финансирана со европски фондови, ВМРО-ДПМНЕ ја „патентираше“ во Скопје уште во мандатот на Груевски.
Ако Будимпешта на Орбан е „точка на влез“ за интересите на Русија и Кина во Централна Европа како дел од евро-атланскиот политички, економски и безбедносен простор, Скопје на Груевски, Заев и сега Мицкоски ја игра таква улога во позадината на Егејското и Црното Море. Барем до „враќањето“ на Белград на позицијата носител на „неврзаноста“ низ присуство ширум ЈИЕ.
Затоа, за медиумско-аналитичко-политичките „бардови“ со педигре од СКМ, НИП и РТВ-Скопје, во овие 20 години беа прифатливи сите играчи од 1992 до денес кои не ја рушеа оваа политичка „хомеостаза“.
Ваквата "игра" на политичко Скопје е спротивна и на националниот интерес на Северна Македонија и на интересот на македонскиот народ. Таа е сведена на провидното „итроманство“: „Со САД и Обединетото Кралство (ОК) контра ЕУ, за инает на Албанија, Бугарија и Грција“. А ова „итроманство“ е втемелено на неколку погрешни премиси:
Премиса 1: Една администрација е доволна да ги наруши односите САД - ОК - ЕУ.
Овие односи се амплитударни и во текот на Студената Војна, а ЕУ и денес нема единствена одбранбена структура.
Но евроатланската заедница (изградена на борбата со тоталитаризмот) свесно го разгради сопствениот империјализам и сега по втор пат му се спротивстави на рускиот: до 1990 комунистички, од 2014 путинистички.
Премиса 2: САД, ОК и ЕУ меѓусебно се оддалечуваат по прашањето на Кина.
Кинеското користење непазарни механизми за засилување на својата пазарна конкурентност во глобализираниот свет пред се ги „насочи рефлекторите“ кон разликите меѓу Западот и Истокот.
На пр., ние купувачите од Северна Македонија сме со се понизок стандард поради политиките на сопствените влади. Затоа се почесто производот од Кина (конкурентен со непазарни механизми) ни е единствено достапен. И за него плаќаме со конвертибилна валута што не ја создаваме со извоз и производ со додадена вредност – и дополнително осиромашуваме.
Премиса 3: Разликите во пристапот меѓу САД, ОК и ЕУ на Блискиот Исток се огромни.
Пристапот кон Источниот Медитеран е евроатлански безбедносен, а во основата на секој безбедносен пристап е економскиот интерес. За овој пристап во американскиот Конгрес двопартиска поддршка обезбеди актуелниот државен секретар Рубио, уште за време на Бајден.
Пристапот кон Источниот Медитеран не може да биде третиран одделно од пристапот кон Средоземното, Јадранското и Црното Море. Улогите на Албанија, Бугарија, Грција, Романија, Хрватска и Црна Гора (низ НАТО и ЕУ) се презначајни за Северна Македонија да игра улога на заднина на Вучиќева Србија и Орбанова Унгарија низ пермаментни спорови со Албанија, Бугарија и Грција.
Затоа препорачливо е Мицкоски да повлече "рачна" кога Николовски по средба со американскиот помошник државен секретар за Европа ќе воскликне дека „За прв пат на политичка средба на високо ниво, тема бр.1 не е ЕУ... ова се центрите надвор од Брисел кон кои го насочуваме нашето внимание.“
За да биде вистински партнер, уште при дефинирањето на Трговскиот договор со САД, Северна Македонија треба да предвиди идни корекции или временска транзиција на одредби од моментот на влезот на земјата во единствениот европски пазар низ членството во ЕУ. Ако Владата на Северна Македонија стои на евроинтегративниот пат.
Имено, дел од производите што со овој договор ќе ни доаѓаат со 0% царина ги исполнуваат нашите моментални, но не и европските правила и стандарди. А тие европски правила и стандарди, вклучително трговските договори меѓу ЕУ и САД, со полноправно членство во ЕУ ќе станат и наши.
Доследна Северна Македонија не смее да одмолчи пред стратешкиот партнер САД дека како членка на ЕУ, Северна Македонија ќе следи договори/стандарди на ЕУ.
Исто како што Северна Македонија не влегува во ЕУ како „играч на САД или ОК“, туку по сопствена волја – во договор со сите европски метрополи од Лисабон до Хелсинки и од Софија до Стокхолм, на задоволство на Брисел. Поздравено и од Лондон и од Вашингтон.
Инаку, оваа економска и надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ ќе трае до првата посериозна економска криза.
Тековно е подредувањето на економските, транспортните и енергетските текови на 21 век и тоа навестува пролонгирани предизвици особено во цената на енергенсите.
Владата на Мицкоски како континуитет на деиндустријализирачките влади на Груевски и Заев не може да се справи со ризикот од стагфлација поради структурните слабости на домашната економија, цените на енергенсите и ниско продуктивната, се поиселена работна сила.
И во надминувањето на овие потенцијални проблеми природно ќе биде упатена на помош од Брисел.
Не од Будимпешта, Белград или Бањалука.