НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

„Вело-коридор“ во Скопје и ослободени тротоари / велосипедски патеки

18 април 2026·Ивон Величковски
„Вело-коридор“ во Скопје и ослободени тротоари / велосипедски патеки

Пешаците, велосипедистите и возачите на електрични тротинети (е-тротинети) се најранливи учесници во сообраќајот. Е-тротинетите често сообраќаат по коловозите (без заштита) и се потешко видливи за возачите на моторни возила.

Според непотврдени статистики, 30% од ортопедските хируршки зафати се последица на повреди при управување со тротинет. Според официјалните европски извештаи, смртноста кај возачите на тротинет при судир со моторни возила е над 80%.
На исти проблеми и ризици се изложени и велосипедистите, особено кај нас.
Активната мобилност е општа потреба.

Но, вело-патеки на коловозни ленти не е решение – тоа е само обид на три последователни градски администрации да ги задржат билбордите стеснувајќи ги и вело-патеките и коловозните ленти.

Ослободување на вело-патеките и тротоарите значи и нивно одделување од коловозот.

НОВА РЕПУБЛИКА во Скопје предлага одделен вело-коридор.

Во прва фаза од бул. „Борис Трајковски“ преку „Партизански одреди“ и паралелно по текот на Вардар до бул. „Ѓорче Петров“ со краци по булеварите „Србија“, „Цветан Димов“ преку „Христијан Тодоровски Карпош“ се до „Босна и Херцеговина“ и „Словенија“ кои се поврзуваат со Кејот на Вардар.

Согласно фактот што се поголемо е учеството на е-тротинетите во сообраќајот чија брзина е до 25 км/час, сметаме дека се потребни сообраќајна контрола на брзината и регистрирање на е-тротинетите.

За регистрирањето има три актуелни модели во Европа: регистрација и осигурување (Германија и Бугарија), регистар на е-тротинети (и) регистарска налепница (Италија и Србија) или локална дозвола и идентификациски броеви за е-тротинети што се изнајмуваат (Франција и Шпанија).