НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Величковски: Поразот на политиката на Мицкоски во една реченица

4 мај 2026·Ивон Величковски
Величковски: Поразот на политиката на Мицкоски во една реченица

Повикот на премиерот граѓаните на Северна Македонија да летуваат дома поради електронскиот систем за евиденција на влез/излез во Шенген зоната (ЕЕЅ) покажа колку неговата владина политика е неоснована.

Медиумите на македонски (како и оние во Србија) ја "хранеа" кампањата на Мицкоски (и Вучиќ) дека ЕЕЅ ќе биде одложен.

Први на удар се најдоа превозниците. Сега последиците се за сите. Да, системот е непријатен за сите нас од нешенгенските земји. Исто како што сите знаеја дека непријатноста ќе расте во "шпицот" на туристичката сезона. Летната, а потоа и зимската. Се додека не сме во Шенген.

Непријатноста е помала за носителите на дипломатски пасош - амбасадори, пратеници и членови на Владата.

За нив пристапот до границата е приоритетен додека останатите чекаат во ред - на аеродром или сувоземен премин сеедно.
Додека вие чекате со часови во врел автомобил со мало дете, за нив ќе се отвори другата рампа.
По потреба и на лентата за камиони. На која превозниците од Северна Македонија стојат со денови.

И затоа ќе ве упатуваат да си летувате на домашните планини и да ги бодрите да не применат Преговарачка рамка и да не преговараат за полноправно членство во ЕУ.

А за перверзијата да биде комплетна, премиерот тоа ви го порачува од одбележувањето на смртта на Гоце Делчев - човекот кој по цена на сопствениот живот - веруваше дека неговиот народ може да се натпреварува рамноправно со останатите во Европа и да биде слободен.
Додека премиерот од партијата што вели дека е "континуитет" на револуционерата ВМРО не се бори за европската реалност и иднина на својот народ и својата нација - затоа што за (таквите како) него ЕУ е "проклетство" на владеење на правото. И контрола на сопствените граници.