← Назад кон вести
Според расположливите податоци од последните години, на студиската насока „Македонски јазик и книжевност“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ годишно во просек се запишуваат меѓу 16 и 20 студенти, а на “Македонска книжевност и култура“ меѓу 10 и 12. По години и насоки, податоците се и попоразителни.
Вкупниот број активни студенти во сите години додипломски студии на обете насоки („Македонски јазик и книжевност“ и „Македонска книжевност и култура“) е меѓу 80 и 120. Квотата за овие студии само во прва година е 190 места! Тоа значи пополнетост на државната квота меѓу 10 и 15% во прва година студии.
Во периодот 2005-10, бројот на дипломирани студенти на обете насоки (80-120) годишно е еднаков на денешниот вкупно проценет број активни студенти по македонски јазик!
„Стабилниот“ број докторанти - од еден до тројца - не е утешен. Тие се асистенти на Факултетот „Блаже Конески“, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ или поретко професори во средно образование кои се усовршуваат.
Овој број е доволен за обнова на професорскиот кадар во високообразовните институции, но тие институции имаат се помал број студенти.
За да се соочиме со проблемот, да ја видиме статистиката на дипломирани студенти по македонски јазик по студии:
Додипломски: 2010 г. околу 100; 2018 г. околу: 45; 2023 г. околу 18.
Магистерски: 2010 г. околу 25; 2018 г. околу 12; 2023 г. околу 6.
Докторски: 2010 г. околу 5; 2018 г. околу 3; 2023 г. околу 2.
На секои 7-8 години, нивниот број се преполовува.
Според НОВА РЕПУБЛИКА овој тренд најавува сериозен дефицит на наставен кадар по македонски јазик во основните и средните училишта веќе во следните 10 години и загрозена наставно-научна основа на факултетите, што ќе го загрози создавањето наставни кадри во основното и средното образование.
Меѓу 10 и 12% од вкупниот број наставници во основните и средните училишта (околу 2.600) се наставници по македонски јазик. Од нив годишно се пензионираат меѓу 80 и 120. Кога годишно дипломираат дваесетина студенти - тоа веќе е дефицит на професори.
Неколку влади проблемот го „пеглаат“ со пополнување на „фондот на часови“ со „патувачки наставници“ од постоечкиот кадар или активирање на пензионери. Тие предаваат во споени паралелки при опаѓачки демографски тренд на македонско население. Во Источниот и особено Југоисточниот регион младите (филолошки кадри) силно се иселуваат, па кадарот дополнително „старее“. Во Северозападниот регион каде македонскиот јазик е „јазик на средината“ (службен), но се помалку мајчин, овие работни места се уште понеатрактивни. Единствено во Скопскиот регион се уште има конкуренција, но и најголем број пензионирања.
Да резимираме: Македонскиот идентитет не се брани со удирање во гради и веење „Вергини“, туку со политики за просперитет на Македонците (и немакедонците) во Северна Македонија - членка на ЕУ наместо иселување и со обезбедување настава на македонски јазик - бидејќи азбуката е кодот на јазикот, а јазикот е слобода и идентитет.
И секако идентитетот не се брани ниту со административни бариери за другите јазици (и конкретно албанскиот) во Северна Македонија. Оти за секого јазикот е слобода и идентитет.
Затоа изборот е со „Заветна“ Македонците да се сведуваат на елегична фуснота или со „Слобода, ред и просперитет“ и ние Македонците да сме во ЕУ и Македонци во модерниот свет. А за тоа решението е спроведување на Преговарачката рамка.
Соопштение на НОВА РЕПУБЛИКА