НОВА РЕПУБЛИКА
← Назад кон вести
Активности и ПРЕС

Темата „предвремени избори“ не смее да ги покрие скандалозните условни пресуди за кочански „Пулс“ – фотелјите не се побитни од правдата за младите жртви

6 мај 2026·Ивон Величковски
Темата „предвремени избори“ не смее да ги покрие скандалозните условни пресуди за кочански „Пулс“ – фотелјите не се побитни од правдата за младите жртви
Интересно, парламентарната „опозиција“ одмолчува дека дури и со ваквата пресуда е посочена и утврдена системската одговорност за трагедијата во една од неколкуте точки – МВР. Тоа е основа (барем) за политичка одговорност на министерот за внатрешни! Премиерот ќе смее да ја утврди во најавената реконструкција на Владата?

Вчера и денес партиите ја премолчаа веста: „Условни казни за тројца полицајци од Кочани во случајот за дискотеката „Пулс“.

Медиумските информации за првите три (условни) пресуди за кочански „Пулс“ гласат: „Судијката… во образложението наведе дека обвинетите формално ги извршувале службените должности, но суштински не ги спровеле целосно законските обврски, поради што не биле преземени понатамошни постапки против одговорни лица во правните субјекти... ...таквото постапување довело до пропусти во утврдувањето на фактичката состојба, при што биле внесувани податоци што не произлегуваат од официјална документација, како и насочување на постапките кон субјекти кои во моментот не ја вршеле дејноста. ...За командирот, судот утврдил дека располагал со информации за правните субјекти, но и покрај тоа одобрил поведување постапка против лице кое не било носител на дејноста.“

Значи, трагедијата можела да биде спречена ако (и) полицијата ја работела својата работа!

Зошто не постапувала така? Некој ги насочил полицајците да „замижат“? Кој? Од каква позиција на моќ? Условната пресуда треба овие клучни прашања да ги стави „ад акта“. Ако полицијата „замижувала“ во овој случај со епилог условна пресуда, уште каде се не дебне нов „Пулс“? И кому се му се прогледува низ прсти и за каква цел?

Интересно, парламентарната „опозиција“ одмолчува дека дури и со ваквата пресуда е лоцирана системската одговорност за трагедијата во една од неколкуте точки - МВР. Тоа е основа (барем) за политичка одговорност на министерот за внатрешни! Премиерот ќе смее ли да ја утврди во најавената реконструкција на Владата?

Системската небрежност поради корупција како прашање лебди и пред кочански „Пулс“: Уште откако за Модуларната болница во Тетово излезе дека е виновен кабелот, а не нарачателот, изведувачот и примателот во употреба на објектот со таков кабел!

Договорениот молк за овој скандал меѓу власта и парламентарната „опозиција“ може да ги одложи, но не и да ги покрие овие поврзани теми. И пред и по изборите, кога и да се одржат.

Должноста на НОВА РЕПУБЛИКА и секој одговорен политички субјект и граѓанин што не е дел од подземниот договор на собраниските партии е да не дозволи системските пропусти и корупцијата да останат неказнети и да однесат нови жртви.