Обраќање до граѓанскиот и националниот политички центар
8 јули 2026·Ивон Величковски

Националниот и граѓанскиот центар има и можност и должност да биде концентрирана, усогласена, јасна и широка понуда за промена наместо „замена“.
И темел на компактната, економски и социјално просперитетна нација која ги уважува личните, граѓанските и етничките одлики – интегрирана во ЕУ.
Имаме потреба од владеење на правото засилено со ветинг во правосудството, партиите, службите, дипломатијата, медиумите, администрацијата; отворање на архивите на југословенските тајни служби; проширена конфискација на криминалниот имот; проширен опфат на рестриктивните мерки од САД, Обединето Кралство, Канада заедно со европските; Уредување на работењето со крипто-валутите. Владеењето на правото го гарантира редот и го овозможува просперитетот втемелен на претприемништво и инвестиции од земјата, соседите-сојузници и воопшто од странство. Олигархиските економија и финансии се спротивставени на слободата, редот и просперитетот на нацијата на Северна Македонија и на секој од нас. Затоа тие заедно со нивните партии:- го одржуваат изборниот модел што ја спречува претставеноста,
- ја блокираат ЕУ-интеграцијата,
- „се извинуваат за грешките“ пред избори – и ги повторуваат корумпираните практики штом одново го завладеат буџетот.
„Поправањето“ на нивните партии не е работа на граѓанскиот и националниот центар, бидејќи:
- Националната економија во 2026 не се развива со истите мерки и фактори кои од 1991 ја држат деиндустријализирана и неконкурентна;
- Националната енергетика не се поправа со приватни „инвестиции“ субвенционирани од буџетот, туку со инвестиција во нуклеарна енергија во соседството;
- Експлоатацијата на рудите со силна еколошка заштита и контрола е потенцијал. Но прекумерното градење во урбаните центри, девастацијата на земјоделското земјиште и зафаќањето на водите за дата-центри е еколошка закана;
- Кога администрацијата и вработените во производството и услугите во приватниот сектор се изедначени по број – економијата, финансиите, пензискиот систем, образованието и здравството се неодржливи. Кога „социјалната држава“ ги „јаде“ инвестициите во претприемништвото на младите – ги иселува прво младите, потоа нивните родители.
Оттука, НОВА РЕПУБЛИКА повикува на координирање на партиите, граѓаните, независните листи и платформите со национално-центристичка, граѓанска, претприемничка, ЕУ и НАТО ориентација.
За таа цел се става на располагање да го иницира овој процес што ни припаѓа на сите набројани на основа на рамноправност, мерлив придонес, јасни цели и инклузивност.
Ова Обраќање го упати Претседателството на НОВА РЕПУБЛИКА на денешната Седма седница, на која исто така го усвои Регистарот на донации за периодот 1 јануари - 30 јуни 2026 година. Регистарот е достапен во рубриката „Финансии“.